Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска на граничниот премин Меѓународен аеродром „Скопје” ја пречекаа делегацијата предводена од министерот за надворешни работи и трговија на Унгарија Петер Сијарто, кој ја предаде донацијата од 6.000 дози вакцини против Ковид-19, како пријателски чин на Владата на Република Унгарија.
Министерот Спасовски по предавањето на донацијата рече дека вакцините се наменети за имунизација на припадниците на Министерството за внатрешни работи, поточно за Граничната полиција, која согласно надлежностите и обврските е во поголема мерка изложена на предизвиците од актуелната глобална пандемија со Ковид-19, соопшти Министерството за внатрешни работи.
– Во име на Владата на Република Северна Македонија, во свое и во име на сите вработени во Министерството за внатрешни работи сакам да изразам благодарност за донацијата која што денеска ја врачи министерот Петер Сијарто. Сакам да истакнам дека досега како Министерство, успеавме да организираме имунизација на над 1.500 наши припадници на полицијата, а со тој процес на имунизација ќе продолжиме и понатаму врз основа на планот што е изготвен во Министерството за внатрешни работи и во Министерството за здравство. Ова е уште една можност преку ваков пријателски чин да испратиме силна порака за взаемна соработка и пријателство, посочи Спасовски.
Тој и во оваа прилика аплелираше до сите граѓани на Република Северна Македонија да пристапат кон вакцинација поради тоа што, како што истакна, само на таков начин ќе можеме до крај да се справиме со пандемијата со Ковид-19 и да се вратиме во нормалното живеење, бидејќи ако самите не се грижиме за сопственото здравје, за нашето семејство, околината тогаш многу потешко ќе биде справувањето со пандемијата и ќе бидеме изложени на дополнителни рестриктивни мерки.
Министерот Спасовски при преземањето на донацијата уште еднаш изрази благодарност до Владата на Унгарија и повика на масовна вакцинација.