По 7 години и 10 месеци ветувања, во Тетово пристигнаа автобусите за градски превоз. Градоначалничката на Тетово, Теута Арифи заедно со министерот за финансии, Фатмир Бесими денеска ги промовираа петте автобуси купени со кредит od 1.2 милиони евра од Светска банка, а вредноста на автобусите изнесува 720 илјади евра.
Министерот за финансии Фатмир Бесими вели дека Тетово кредитот го добила за период од 13 години со камата од 3%.
„Во конкретниот случај општината аплицираше и одобрена и е сума од 1.2 милиони евра, а што се однесува до транспарентноста и ефикасноста, општината заштедила и платени се само 720 илјади евра“, вели Бесими.
Градоначалничката на Тетово Теута Арифи рече дека градскиот превоз стана реалност и дека ова богатство ќе го имаме толку колку што ќе бидеме посветени да го сочуваме.
„Овој капитален проект бараше не само визија туку и тимска работа меѓу тие кои веруваа и работеа ова да стане реалност“, изјави Арифи.
Иако се донесени 5 автобуси, урбаниот транспорт нема да почне веднаш да функционира бидејќи прво ќе треба општинскиот совет да донесе одлука за цената на билетите и рутата на автобусите.
Петте автобуси се еколошки од марката ИСУЗИ, а нив ќе можат да ги употребуваа и лицата со посебни потреби благодарение на посебниот механизам што го поседуваат.