Денеска пристигнаа 30 илјади кинески вакцини од производителот „Синовак“, донација од Турција, објави на својот профил на фејсбук министерот за здравство Венко Филипче.

Уште еднаш сакам да изразам голема благодарност до Република Турција и претседателот Реџеп Таип Ердоган за поддршката, но пред се, за експресната испорака на ветената количина која е многу значајна за нас. Вакцините во најкраток рок ќе бидат дистрибуирани до вакциналните пунктови ширум државата, напиша Филипче.

Минатата недела Филипче изјави дека до крајот на оваа недела во Македонија треба да пристигнат 500 илјади вакцини „Синовак“ од Кина. Претходно Бугарија и Грција соопштија дека ќе ни донираат вакцини, но не кажаа кога.

На вакциналните пунктови во државата заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 250.813 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 1.455 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 10.556 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 410.711 дози вакцини, а ревакцинирани се 159.898 граѓани.

Со последните бројки 48 % од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 42 % од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина и 35 % од населението над 60 години е вакцинирано со барем една доза вакцина.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.