Припадниците на Командата за операции (КО), денес, 17 октомври, во касарната ,,Боро Менков“ во Куманово со воена свеченост го одбележаа Денот на единицата.

На свеченоста, на најголемата команда на оперативно рамниште во Армијата, пред присутните се обратија министерот за одбрана, Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски и командантот на КО, бригаден генерал Мирче Ѓоргоски.

Во своето обраќање, генералот Лафчиски истакна дека Командата за операции претставува столб на Армијата, потенцирајќи ја нејзината примарна мисија непрекинато да ги подготвува конвенционалните копнени и воздухопловни сили за одбрана и заштита на територијалниот интегритет и независноста на татковината. Навраќајќи се на подготвеноста на КО, генералот истакна „Подготвеноста на вашите потчинети единици се должи на тоа што непрекинато ги обучувате и извежбувате. Вие се грижите постојано да ги држите вашите единици во состојба на највисока психофизичка, морална и ситуациона подготвеност, преку учество на голем број вежби и обуки во земјата и странство“ .

Министерот Мисајловски рече дека „припадниците на Командата секојдневно покажуваат професионалност, мотивираност и посветеност“, додавајќи дека најголем дел од припадниците на Команданта го зајакнуваат источното крило на Алијансата во мултинационалните сили во Романија, Бугарија и Латвија и вклучени се во справувањето со последиците од елементарните непогоди во земјава.

„Оваа одговорност вие ја исполнувате во целост, оправдувајќи ја нашата целосна доверба, а ние постоиме за да ви ги овозможиме најдобрите услови и најмодерната опрема“, рече министерот. Информираше дека одбранбениот буџет ќе продолжи да расте.

“Продолжуваме следната година и наредните години со уште позасилено темпо да обезбедуваме повеќе средства и да обезбедуваме многу проекти за модернизација за сите вас”, заклучи министерот.

Во рамките на свеченоста за најдобра единица беше прогласен Извидувачко-разузнавачкиот баталјон. Дополнително, на припадниците на командата кои покажале особени резултати во работењето им беа доделени стимулативни мерки, а беа врачени и признанија на цивилните институции и организации со кои соработува командата. Соодветни признанија, како благодарност за нивниот придонес кон Армијата во текот на службата, им беа доделени и на припадниците на единицата кои во изминатиот период ги исполниле законските услови за пензионирање.

Текстот Припадниците на Командата за операции го одбележаа 17 Октомври – Денот на единицата е превземен од МАКФАКС.