Обвинителството поднесе обвинение против девет припадници на организираната криминална група „Беланоца- Барон“ за повеќе тешки кривични дела извршени во период од 2020 до 2024 година.
Во текот на 2020 година, тројца првообвинети создале организирана криминална група со цел извршување на сериозни кривични дела – пред сè убиства и други насилни дејствија. Организаторите на групата донесувале одлуки и давале конкретни насоки за цели, локации и начин на ликвидација на лица претежно од спротивставената криминална група.
Дејствувале со јасна поделба на улоги, а плановите биле спроведувани од други членови – обвинети, починати или недостапни на органите на прогонот, а дел неидентификувани лица.
Според прибраните докази дел од обвинетите се поврзани со следните убиства извршени по налог и организација на групата:
– Убиство на Ибраим Ајдини во август 2020 година:
Првообвинетиот во име на радикалното движење понудил и платил 10.000 евра за убиството, мотивиран од сомнение дека жртвата соработувала со институциите во предметот „Монструм“. Жртвата била застрелана во својот дом, со истрел во главата. Извршителите ги отстраниле доказите и побегнале.
– Убиството на Џелал Ибраими – јануари 2023:
Организирано од групата како одмазда за лична навреда кон првообвинетиот. Убиството е извршено во домот на жртвата, со повеќе истрели. Исплатени се 20.000 евра на учесник во нападот.
– Двојно убиство на Јетон Кривањева и Енес Исеинов – март 2023:
Извршено како одмазда за претходни убиства. Првообвинетиот обезбедил 250.000 евра и конкретни насоки. Нападот бил особено суров, извршен во деловен објект, со пукање од непосредна близина. Напаѓачите потоа го запалиле возилото и добиле логистичка поддршка за бегство.
– Убиството на Орхан Бајрами (Оки) – јули 2023:
Извршено во Грција, во луксузен ресорт. Жртвата била следена преку легални и илегални премини. Нападот бил извршен од двајца маскирани напаѓачи кои испукале 19 куршуми, нанесувајќи три смртоносни рани на жртвата и тешко ранувајќи друго лице.
Во 2021 година, шестообвинетиот со двајца осомничени формирале нова криминална група, фокусирана на убиства од одмазда и ликвидација на членови од други криминални структури и тоа:
– Убиство на Камер Идризи (Бундес) – мај 2021:
Извршено од шестообвинетиот и други лица, со 57 испукани куршуми. Жртвата била цел на одмазда за смртта на роднина на еден од организаторите.
– Убиство на Абдуљ Бастри Ибраимовски – јули 2024:
Извршено поради нарушени односи и претходни конфликти. Во нападот биле користени автоматски пушки. Жртвата починала, а другото лице било тешко рането, а подоцна починало.
– Убиство на Ибраим Исмаили Абиц:
Извршено во Сингелиќ од првообвинетиот, неговиот брат и осмообвинетиот. Биле испукани 65 куршуми.
Дополнително во обвинителниот акт се содржани дејствија во кои дел од обвинетите како нарачатели или извршители предизвикале пожари на возила на службени лица од КПУ Идризово и членови на нивни семејства, со цел спречување службени дејствија, а дел од обвинетите организирано вршеле изнуда на пари од фирми, со закани, физички напади и опожарување на објекти.
На 20.12.2024 година, при претреси на имот поврзан со првообвинетиот, биле пронајдени рачни гранати, ТНТ експлозив, полуавтоматска пушка и чаури од муниција.
Врз основа на опишаните дејствија седум лица се обвинети за сторено кривично дело Злосторничко здружување, и повеќе убиства како соучесници, поттикнувачи или извршители, од нив четири лица сториле и кривични дела Изнуда, а петмина и кривично дело Тешки дела против општата сигурност. Едно лице е обвинето за сторено кривично дело Убиство, а едно за кривично дело Изнуда. На првоосомничениот му се става на товар и кривично дело Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје.
Имајќи ги предвид околностите предметниот јавен обвинител побара продолжување на претходно изречените мерки и одземање на одземените предмети што потекнуваат од кривично дело..
Текстот Припадниците на „Беланоца- Барон“ се гонат за убиства, палење на автомобили на службеници од „Идризово“, изнуда на пари од фирми е превземен од МАКФАКС.