Приоритетите на претстојното претседавање на земјава со Организацијата за безбедност и соработка и Европа (ОБСЕ) во текот на 2023 година, меѓу кои и зацврстувањето на теренските мисии и зголемената грижа на Организацијата за регионот на Југоисточна Европа, беа во фокус на денешната тематска средба на министерот за надворешни работи Бујар Османи со шеф на Мисијата на ОБСЕ во Босна и Херцеговина, амбасадорот Бриан Агелер.

Во тој контекст, како што соопшти МНР, Османи меѓу другото ја истакна важната улога на ОБСЕ во градењето на стабилна и демократска Босна и Херцеговина.

– Високо ја цениме вашата помош во зајакнувањето на демократските капацитети на институциите на Босна и Херцеговина, како и напорите за изградба на доверба и сигурност во периодот по потпишувањето на Дејтонскиот договор, нагласи Османи.

Тој истакна дека како иден претседавач со ОБСЕ од јануари идната година, земјава ќе биде длабоко посветена на принципите и темелните вредности на Организацијата, но ќе вложи и дополнителен ангажман во соочувањето со актуелните безбедносни предизвици во нашиот регион и пошироко.