Препораката на Советот за на амбасадори при ЕУ во однос на изкажаните желби на Украина и Молдавија до Европската комисија е да се направи проценка и анализа за подготвеноста на овие земји за добивање на кандидатски статус. Ова, во превод, во никој случај не значи дека се препорачува добивање на кандидатски статус.
На пример проценката и анализата на барањето на Македонија за добивање кандидатски статус (2004 година) траеше повеќе од 18 месеци. Во овој период ЕК анализираше дали Македонија може да биде кандидат, го проценуваше капацитетот на државните институции, по што се дојде до препораката за добивање на кандидатски статус. Дури потоа се носи конечна одлука. Пристапниот процес за Македонија е во тек.
И Украина и Молдавија во овој момент имаат сериозни проблеми со капацитетите на државните институции и речиси е и невозможно да се направи таква анализа. Ова, се разбира доаѓа како добра подлога на скептиците на процесот на проширувањето на ЕУ во Брисел, и се добива простор за играта „топло-ладно“. Јасно е дека нема да има цврста посветеност за забрзување на процесот, туку само се ветува „натамошно зајакнување на врските и продлабочување на партнерството“. Еден од набљудувачите на работата на ЕК изјави дека сега само „се обидуваат да најдат начин да кажат „не“.
Главен интерес на земјите-членки на ЕУ во овој момент се безбедносните прашања. Данска и Холандија и натаму се најупорните против процесот на забрзување на преговорите за членство на Украина, а и во однос на дел од балканските земји. Други држави во фокусот го држат прашањето на одбраната, како еден од истакнатите приоритети на француското претседателство и пред избувнувањето на војната во Украина. Финска и Шведска на маса го ставаат принципот на заемна одбрана – ако една земја-членка е жртва на оружена агресија на нејзината територија, другите земји-членки имаат обврска за помош со сите средства со кои може да се помогне.
Во случајот со Македонија, толеранцијата на ЕУ во однос на бугарското вето за почетокот на преговорите за членство во ЕУ, само го дополнува овој бриселски мозаик.