ВОЈО МАНЕВСКИ 

Некои од поимите дефинирани како препознатливи  низ светот на Балканот имаат сосема друго значење. Рационалноста на однесувањето и одлуките што за западниот свет се препознатливи кај нас се декорирани со наш менталитет што често е неразбирлив за сите па и за нас самите.

Што е тоа инает? Нешто што е одлика или популарно речено идентитет на овие народи. Како ќе си ја објасниме ирационалноста во своето колективно поведение. Веројатно како работење во сопствена штета. Тоа што се гордееме со таа необјаснива карактеристика е за научно иследување .

Ова мудрување е само последица на мојот  нем разговор со сосетката која ги метеше скалите после една од последните краткотрајни невремиња деновиве.

Стрпливо со метлата ги туркаше сувите лисја и други отпадоци низ скалилата. После секое скалило подолу сметот се зголемуваше и беше се потешко да се поттурне на подолното скалило. Стоев на средината од скалите  и сосетката ми заличи на некоја позната фаца од евро комисиите. Стрпливо го метеше сметот и го туркаше надолу. Ете си помислив –вака ќе биде и целиот процес на нашите евро интеграции. Горните скалила ќе мора први да се изметат од сметот и да се оди се подолу низ системот. Чистењето на погорните скалила значи и зголемување на сметот врз оние што се подолу и додека се стигне на најдолните може и да нема место за него а тој ќе ги потрупа најдолните скалила. Сите оние што послушно сега галамат на социјалните мрежи чувајќи го грбот на своите партиски лидери се токму тие најдолните скалила врз кои ќе се натрупа сметот .Ова не е некоја моја филозофија на егзалтирано пискарало туку логичен и природен след на настаните  кого ниту нашиот епски инает не може да го сопре туку само да го забави во несопирливиот од.

Стотина текстови  се напишани за уставните измени што Европа ги бара од нас. Стотина анализи се објавија ама  ретко кој се осмелува да ја најде нитката на логиката на рационалниот свет кој нашата инаетлива гордост не ја разбира. Што ако ги усвоиме уставните амандмани? Уставот нема да биде ниту подобар ниту полош. А кога тоа ние премногу сме се држеле до правните акти? Дури и најголемиот син на југословенските народи изјавуваше дека„ Судиите не треба да се држат за законот како пијан за плот“ а беше почесен доктор на правните науки. Она што може да се промени е да почнеме да се победуваме себеси. Некој ќе рече дека и тоа е нашиот идентитет и препознатливост ама ако е така тогаш ниту болестите не треба да ги лечиме зошто и тие се некаков идентитет нели?

Ефикасен државен апарат не им е потребен на Европјаните тие си го имаат. Нам ни е потребен ако сакаме да се бориме со сивата економија и корупцијата па општествениот производ да се усмерува таму каде што е неопходно. Нема подобро здравство ниту поголеми плати на медицинарите ако парите одат на коруптивни зделки или воопшто не се уплатуваат во буџетот. Така е во сите сегменти на општеството. Затоа ни се нужни реформи кои самите не можеме да ги направиме зошто сме заболени од балканската болест на ирационален инает и завидливост. Научниците нека и дадат име на таквата болест која се состои во љубомора кон соседот па дури и да е тоа соседен народ а не само семејство.

Еден мој пријател во наплив на политички емоции вчера ми велеше дека македонскиот народ не сака да има држава во полн смисла зошто така ќе мора да ја земе и одговорноста за неа. Вака му е подобро да бара господари кои ќе ги поткрадува ќе ги оговара и ќе му бидат виновни за се што е околу него . Што и да се случи како во скечот на К15  „ ова влада ли е“.

Во неделите што се пред нас точно си исцртуваат политичките сили и општествени сегменти кои не се за реформи и градење на вистинска држава. Сите што се плашат за своите позиции се против реформи зошто знаат за фаличноста на постапката според која се дојдени на таква позиција. Сите што се плашат за сопствениот имот стекнат на нечесен иако некогаш и законски начин сега не сакаат реформи или сакаат реформи кои само ќе го потврдат нивниот статус на недопирливи и неказниви персони израснати низ стрмоглавениот морал на општеството. Не треба да ги именувам нити да ги титулирам. Погледнете које е против евро интеграциите и своите постапки ги оправдува со високопарни патриотски пароли  и прешкртнете го од својот список или на тастатурата направете едноставна постапка —делете.

А како ќе ги започнеме преговорите со Европа и реформите дома? Со рационално однесување што е препознатливо токму за таа Европа кон која декларативно се стремиме. Да го извршуваме она кое сме го презеле како обврска. Нашиот инает и соседска омраза па биле тоа и партии соседи  можат само во најмала рака да го забават тој процес на реформи.

Веројатно можам со речник на социјалните мрежи да го сликам ова до утре ама мислам дека со подомаќински зборови можеби ќе се разбереме.

Сосетката ги метеше скалилата а јас се обидов да поминам покрај неа. Таа само се потргна на страна и ме пропушти . Ништо не рече туку само се насмеа и како да знаеше што размислувам кратко промрмори.„ Ете гледаш може и без кавга иако штета што златна кавга растуривме.“

Па почитувани сограѓани ајде и ние еднаш да растуриме златна кавга па да видиме можеме ли и без неа . Ајде барем  да пробаме.

Превземено од Цивил Медиа