Во знак на поддршка, солидарност и пријателство, опшина Прилеп од буџетот издвои 450 илјади денари за помош на настраданите од земјотресите во Турција и во Сирија. Оваа одлука ја донесоа советниците на денешната вонредна седница на советот.

Конкретно, од 450 000 денари, 300 000 се за помош на настраданите во Турција и 150 000 денари за настраданите во Сирија. Прилепскиот градоначалник Борче Јовчески, претседателот на советот Дејан Проданоски и советниците изразија сочуство до настраданите во земјотресите и упатија жалење за загинатите во оваа голема природна катастрофа што се случи во Турција и Сирија.

Покрај пунктот за донации кој е поставен во центарот на градот, каде граѓаните донираа, како и донациите преку отворените телефонски линии, Прилеп понуди и обучен тим од пожарникари во координација со ДЗС, за директна помош со човечки ресурси во подрачјата каде што има потреба, а прилепскиот бизнис сектор, организиран преку Регионалната стопанската комора, веќе упати помош во настраданите подрачја.