Прилагодување на земјоделството кон климатските промени, денеска започна двегодишен проект во Росоман, информираа попладнево од росоманската локална самоуправа.

– Денеска и утре, во општината Росоман се одржува првиот транснационален партнерски состанок во проектот „Интегрирање на социјални димензии во прилагодувањето на земјоделството кон климатските промени“. Проектот е во времетраење од две години и има за цел да ги вклучи земјоделците од локалните заедници, во идентификацијата на проблемите со климатските промени и процесите на донесување одлуки, за адаптација на климатските промени, преку креирање на стратегија за справување со климатските промени на општинско ниво, соопштија од Општината.

Оттаму појаснија дека локална самоуправа Росоман е водечки партнер на овој проект. Останати партнери во проектот се организациите ОМНИА од Кипар, ЕУРОАЗИЈА од Турција и Здружението на средни училишта ТЕРА ФИТОН АНИМАЛ. Проекот е финансиран од страна на програмата Еразмус+ на Европската комисија, клучна акција 220 -ADU – партнерства за соработка во образованието на возрасни.

– Проектот е инициран и воден од страна на младиот и ентузијастичен проектен координатор Трајче Димовски, нагласија од Општината.