ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Нема двојба дека во саботата, 23 јуни, Москва беше во паника. Исто онака како што во третиот век пред нашата ера граѓаните на Рим, по низа изгубени битки со картагенскиот војсководец Ханибал, трепереле и гледале кон вратите на градот, што веќе не биле ни бранети, кога тој ќе влезе во вечниот град. Околу Кремљ се поставуваа вреќи со песок, околните квартови околу просториите, каде што борави власта, се иселувани и станарите заминувале од нив, тешки товарни камиони се поставувани секаде од каде би можело да се стрела кон центарот на престолнината, а за камерите кои ги има за следење на сообраќајот се наоѓани нелогични агли – изместувани се за да гледаат во околните реклами, односно да не му користат на непријателот. Беше прогласена нова мобилизација, а цените на авионските карти за бегство пламнаа.
Кој е новиот Ханибал? Па, во говорот на претседателот Путин на државната телевизија тој говореше за обид за пуч, за нечии пораснати амбиции, без да спомене имиња. Посочи дека постои обид да се користат воени средства против легалната власт, а светските агенции ги дадоа деталите уште рано изутрината.
Ако на елитната, платеничка војска на Пригожин ѝ требаа три месеци да го освои гратчето Бахмут, таа сега за три часа го освои Ростов на Дон и набргу потоа тргна кон Москва, освојувајќи го лесно патем и големиот град Вороњеж.
Околу 15 часот во саботата, бунтовниците минаа 350 километри. Има доста снимки на кои се гледа дека народот патем го поздравува, како да е некаков ослободител, а немањето конкретен отпор говори за комплетна збунетост кај редовната војска.
Да не одиме во детали, тие се познати – се чинеше дека првите сериозни борби би се случиле дури кај влезот во престолнината, која, во меѓувреме би станала некаква импровизирана тврдина, а повремените обиди да се сопре колоната која ита кон Москва беа извршени од воздух.
Имаше паднати седум хеликоптери, еден помал воздушен транспортер… Официјална Москва не кажува ништо за тоа (!), а странските извори говореа за 20, потоа за 30, а во понеделникот наутро за 41 загинат пилот, при што, не е јасно дали истите се соборени од вагнеровци или резултатот се должи на некаква борба во воздухот, што исто така би била очевиден доказ дека во армијата постои поделеност.
Потоа дојде до ненадеен пресврт со посредство на Лукашенко, но најголем дел од прашалниците останаа да висат во воздухот – и ден потоа се чини дека „Русија сè уште е на работ на распаѓање, дури и ако Пригожин ги врати своите луѓе назад“, пишува Даниел Ханан, реформатор кај британските конзервативци и колумнист на „Вашингтон егзаминер“ и лондонски „Телеграф“.
Тој, во однос на овој настан, кој е без сомнение историски, иако траеше ден и половина, е дециден дека „ова е почеток на крајот за Владимир Путин, без оглед на одлуката на Евгениј Пригожин да се сврти…“
Моќта на Путин, според Ханан, почива во проекцијата, пропагандата, сликата на непобедливост. Сега, одеднаш, завесата се откина, откривајќи го Волшебникот од Оз како мал, просечен, исплашен човек.
Однадвор, диктатурите можат да изгледаат монолитни, резонира Ханан понатаму. Една од причините поради кои западните кремљолози не успеаја да го предвидат крајот на Советскиот Сојуз беше тоа што малку знаеја за нужно тајните ривалства во него. Никој од нив не предвиде дека главниот инструмент за распадот на СССР ќе биде Руската Федерација на Борис Елцин.
Денес, истата Руска Федерација се појавува обединета. Рејтингот на Путин се движеше околу 80 отсто, а неговите најгласни противници се во егзил или во затвор. Нема значајни опозициски партии или критички весници. Луѓето се собираат кај нивните лидери за време на војната, а ефектот на санкциите беше зајакнување на контролата на Путин врз економијата, смета тој Ханан.
Овој автор кога ја отвора „конзервата на моќта“ на Кремљ, говори за силовиците. Ние би рекле дека се тоа моќници на дуплото дно на државата, а Ханан тврди дека тие „ја чувствуваат неговата ранливост и склучуваат сојузи како подготовка за транзицијата, иако генералите и адмиралите кои ја држат другата половина од нуклеарните кодови сè уште би можеле да маневрираат“.
Овој многу цитиран колумнист оценува дека „можеби девет од руските региони и републики би можеле да бидат подготвени да распишат референдуми за независност, бидејќи им е доста од московската клика која ги зграпчува нивните природни ресурси, ги регрутира нивните млади луѓе и не им нуди ништо за возврат.
Тука се вбројуваат и големите корпорации како Гаспром, како своевидни држави во држави, кои градат приватни армии, веројатно во очекување да мора да ги бранат своите средства со сила заради хаосот што би следел ако слабее власта на Путин. Не постои никаква контрола врз единиците на Кадиров, кои се колку и оние на Пригожин, а се проценува дека дури и министерот за одбрана Шојгу (според белградски Н1) има своја бројна преторијанска гарда.
Кај путинистите во балканските медиуми (ах, колку само ги има) главна и единствена вест од последниот викенд во однос на руската криза им беше дека во Вагнер центарот во Санкт Петерсбург се најдени 40 милиони долари; истите беа објаснети од Пригожин, кој преку својот канал на Телеграм објасни дека се работи за платите за неговите војници што тие треба да ги земат на крајот на месецот. Изворот на неговите средства се од експортот на насилство на Блискиот Исток (Сирија) и Африка (нафтени извори во Либија и рудници на злато во Судан). Неговата милитаристичка корпорација поседува една воздухопловна база во Централноафриканска република (ЦАР) и една голема касарна на границата на ЦАР со Судан! Поседува најмалку еден голем товарен воздухоплов од советско производство.
Тој никогаш не бил во најтесниот круг на Путин, кој главно го сочинувале поранешни офицери на КГБ во Ленинград. Сепак, Путин, чија параноја се протега на дишење специјално прочистен воздух, немаше да ги довери своите кујни на некој што не му е сигурен.
Тогаш, што правеше Пригожин во саботата?
Една од можностите е дека ова беше само кулминација на неговата расправија со министерот за одбрана, Сергеј Шојгу. Ако, како што тврди поранешниот осуденик Пригожин, неговите луѓе биле цел на редовните трупи, тој можеби чувствувал дека неговата единствена опција е да покаже дека може да ги води луѓето до Москва.
Втората е дека тој – барем за краток период – ги заменил страните; дека Украинците, во еден од најбрилијантните тактички потези во историјата на војувањето, го сфатиле фактот дека платениците ќе се борат за највисоката понуда. Изјавите на Пригожин за Украина во последните недели беа неверојатно топли кон Кијив. Тој зборуваше за храброста и честа на украинските војници и го спротивставил ефикасниот начин на кој Кијив ги евакуираше цивилите од воената зона во споредба со несреќните потези на Москва. Навистина, неговиот вербален гнев бил насочен, не кон непријателските војници, туку кон руските редовни, а неговото последно емитување пред пресвртот беше осуда на рускиот изговор за инвазијата.
Трета можност е дека тој беше уверен, можеби погрешно, дека има сојузници во руската висока команда и дека се обидел да изврши координирана револуција.
Курт Вокер, поранешниот амбасадор на САД во НАТО, во текст за УСА Тудеј се согласува дека „Путин се соочува со криза која е експоненцијално посериозна од сѐ што го доживеал додека бил на власт. И многу од тоа, смета тој, е од негова сопствена изработка. Прво, продолжува Вокер, Путин избра да започне, и да продолжи, војна против Украина која беше крајно непопуларна за рускиот народ и, уште поважно, и за посредниците на силите за безбедност, кои можат да го отстранат од власта. Во крајна линија: Путин не си остави излез. Сѐ додека е на власт, ќе се бори. А тоа ќе ја убие руската држава“, смета Вокер, поранешен специјален претставник на САД за преговорите за Украина од 2017 до 2019 година.
„Има многу луѓе во Русија кои не се задоволни со Путин и се согласуваат со Пригожин“, вели Евелин Фаркас, поранешна аналитичарка во Министерството за одбрана на САД, специјалист за Русија. Иако авторитетот на Путин не беше оспорен во текот на неговите повеќе од две децении како претседател на Русија, мрачната група позната како силовики – веќе споменвме дека тоа е руската верзија на таканаречените посредници за безбедност на длабоката држава – поседува значителна моќ зад сцената во Русија, вели и Стивен Хол, поранешен шеф на оперативната база на ЦИА во Москва. Ако Путин ја изгуби нивната поддршка, тој би можел да биде принуден на повлекување речиси веднаш, вели тој.
„Путин и Кремљ сѐ уште не ја одиграле последната карта“, вели Хол. „Ниту некој од другите играчи тука, вклучително и Пригожин, кој веројатно има други стрели во раката што треперат. Сè уште има некои далечни прашања, мислам, во однос на руското население и руската војска и другите министерства и центри за моќ. Но, дефинитивно е многу, многу, многу лошо за Путин“, оценува Хол.
„Според мое мислење, ако силовиките проценат дека нешто не е во ред, дека ова станува премногу лудо, тогаш Путин е готов“, вели Хол. „Сè уште не знаеме какви механизми може да се појават, но напишаната порака на Пригожин стои на ѕидот“, изјави Вокер за USA TODAY. „Да се оди до крај по Пригожин е само ставање на прст во браната. Поголемата слика е крајот на путинизмот“.
Многумина деновиве цитираат низа западни автори кои нудат слики за Русија и автократските режими во неа. Една од нив е Мадам де Стал, која е една од ретките политички теоретичарки по Француската револуција која еднаш се пошегувала дека рускиот систем на владеење е „автократија ублажена со задушување“.
Може да се очекува дека Путин ќе се обиде уште повеќе да ги стегне дизгините на оние кои ја движат руската машинерија, безбедносната во најширок смисол. Тој имаше најголема доверба во кадрите од Санкт Петерсбург од каде доаѓаат и тој и Пригожин. Дали одговорните за државна безбедност не алармирале што подготвува Пригожин? Оправдувањето веројатно лежи во фактот дека „готвачот на Кремљ“ е битен за оправдување за војната која треба бргу да се заврши, ама тоа траење ја покажува сета глупост во планирањето, за што се виновни одново безбедњаците. Пребегнувањето на единиците кои ги водеа најтешките борби на другата страна, чија и да е таа, дефинитивно ја става победата надвор од неговиот дофат.
Тиранот може да се извлече со многу работи. Тој може да убива противници, да го осиромаши својот народ, да ја изолира својата земја. Но, тој не може да се извлече со губење на војна. Тука се споменува принципот Галтиери: силен човек кој се покажува како слаб, нема да успее во давањето следни наредби.
На крајот да се каже дека, според ексјугословенскиот дипломат Огњен Прибичевиќ, НАТО само три пати се јавил во Москва од почетокот на инвазијата на Русија врз Украина: Првиот пат веројатно бил кога тенковите ја минале украинската граница, вториот кога американскиот претседател дошол во посета на Киев, како информација која другата страна мора да ја земе предвид, а третиот пат последниот викенд. Прашањето овој пат било – што се случува тоа кај вас?
Да се знае чиј прст може да го притисне копчето за можен старт на атомската војна!