Препорачливо е да се пие веднаш по будењето или во помали количини во текот на денот
Водата со лимон стана популарна утринска навика поради нејзините бројни здравствени придобивки. Чаша сок од половина лимон има само 10,6 калории и обезбедува околу 21% од дневните потреби за витамин Ц, со помали количини на фолна киселина, калиум и витамини од групата Б.
Овој пијалок помага во одржувањето на хидратацијата, што е важно за правилното функционирање на телото, и го олеснува внесувањето течности, особено за луѓето кои имаат тешкотии со пиењето обична вода. Лимонот е богат со витамин Ц, моќен антиоксиданс кој го зајакнува имунитетот, го стимулира производството на колаген, помага во апсорпцијата на железо и метаболизмот на протеините.
Водата со лимон може да помогне и во контролата на телесната тежина бидејќи го зголемува чувството на ситост, го забрзува метаболизмот и е здрава замена за засладени пијалоци. Исто така, може да го намали ризикот од камења во бубрезите бидејќи лимонската киселина го зголемува волуменот на урината и ја менува нејзината pH вредност. Консумирањето пред оброк може да го олесни варењето, иако луѓето со чувствителен стомак треба да бидат внимателни.
Подготовката е едноставна – исцедете половина лимон во чаша топла или ладна вода, а по желба додадете нане, мед, ѓумбир, краставица, цимет или куркума. Препорачливо е да се пие веднаш по будењето или во текот на денот во помали количини. На долг рок, поради киселоста, водата со лимон може да ја оштети забната глеѓ, па затоа се препорачува да користите сламка и да ја исплакнете устата со обична вода.
Во умерени количини, водата со лимон е едноставен и здрав додаток на вашата дневна рутина.
Текстот Придобивки за здравјето од пиење вода со лимон е превземен од МАКФАКС.























