Австрискиот министер за надворешни работи Александар Шаленберг заедно со групата „Пријатели на Западен Балкан“ покренаа иницијатива чија цел е да го намали влијанието на Кина и Русија во Југоисточна Европа и поблиску да ги поврзе балканските земји со Европската унија.
Иницијативата треба да биде корисна за двете страни. Тоа треба да им овозможи на земјите кандидати за членство во ЕУ погласно да ги артикулираат своите барања, а во исто време да развијат поголема солидарност и европско единство во надворешно-политичките прашања, што, според австриски медиуми, се уште не е изразено во некои земји, пренесе Бета.
На тој начин треба да се обезбеди „приспособување на заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската унија“, се вели во документот што денеска беше претставен на средбата на шефовите на дипломатиите на ЕУ во Брисел.
Австрискиот министер за надворешни работи Шаленберг на 23 јуни на Европскиот форум Вахау ја претстави групата „Пријатели на Западен Балкан“. Станува збор за група членки на ЕУ кои се за забрзување на пристапот на регионот во Унијата и сакаат да ги приближат земјите од Западен Балкан до ЕУ уште пред вистинското членство.
Австрија ја основа таа група заедно со Грција, Италија, Хрватска, Словачка, Словенија и Чешка.
Во „нон пејперот“, кој денеска беше презентиран на состанокот на Советот на министри на ЕУ, меѓу другото се бара земјите од Западен Балкан да учествуваат најмалку еднаш на секои шест месеци на тие состаноци на шефовите на ЕУ дипломатија.
„Бидејќи регионот е изложен на дестабилизирачки фактори, како што се малигното влијание на трети земји, хибридни закани, дезинформации и илегална миграција, оваа агенда исто така треба да даде нови импулси за соработка во заедничката надворешна и безбедносна политика и да воспостави редовна структурирана размена на ставови со нашите партнери во согласност со воспоставениот процес на ЕУ и нејзината политика“, се вели во документот.
„Бидејќи очекуваме нашите партнери да се ориентираат кон надворешната политика на ЕУ, веруваме дека таков поинтензивен дијалог ќе го продлабочи разбирањето на позициите на ЕУ. Соработката ќе ни овозможи да се спротивставиме на надворешниот притисок и на руските и другите штетни наративи во регионот кои се некомпатибилни со вредностите на ЕУ и меѓународен поредок заснован на правила“, пишува во „нон пејперот“.
Во документот се предлага и учество на земјите од Западен Балкан на неформални состаноци на амбасадорите на ЕУ, покоординирани посети на регионот, како и усвојување правила за заеднички речник кога станува збор за трети земји.
Беа предложени и редовни работни средби со експерти од областа на заштитата на човековите права, кои ќе ги надополнат преговорите меѓу ЕУ и кандидатите поврзани со судството и владеењето на правото. Се споменува и зајакнувањето на соработката во областа на кибер безбедноста.
Еден од предлозите е обука на млади дипломати од Западен Балкан во земјите потписнички на иницијативата.