В понеделник истекува рокот што Министерството за правда го постави во дописот до институциите и политичките партии да номинириаат претставници во работната група за измени на Уставот. Дописот беше испратен во вторникот до Кабинетот на Претседателот на државата, Министерството за надворешни работи, Секретаријатот за европски прашања и парламентарните политички партии кои треба да одговорат најдоцна до 10 април.

Во групата се повикани да учествуваат и експерти од областа на уставно право.

Претседателот Стево Пендаровски завчера потврди дека негов претставник во работната група за измени на Уставот ќе биде професорот од Правниот факултет Александар Спасов, кој е негов правен советник.

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, пак, кажа дека најдоцна до понеделник ќе биде дефинирано и соопштено името на претставникот од СЕП кој ќе биде вклучен во работната група за уставни измени. Тој ги повика партиите да учествуваат во разговорот за процесот на уставни измени оти прашањето, како што рече, „порано или подоцна ќе дојде во Собранието и политичките партии ќе треба да се изјаснат“.