Над 900 говорници од над 70 земји, меѓу кои и Северна Македонија, ќе учествуваат од 26 до 29 април 2023 година на осмиот Економски форум во Делфи, Грција насловен „Paradigm Shifts“, јави дописничката на МИА од Атина.
Претседателот и потпретседателот на Делфи форумот, Симеон Цомокос и Јанис Томатис на прес конференција во Атина ги презентираа централните теми на кои ќе се фокусираат дискусиите, соопштија дел од учесниците, но и истакнаа дека и оваа година, ќе постои дел посветен на Балканот.
Меѓу потврдените учесници се претседателите на Кипар и Бугарија, премиерите на Косово, Црна Гора, Србија и Албанија, австрискиот канцелар, вицепремиери и министри од повеќе земји, претставници од Европската Унија, како и грчкиот државен врв и министри од Владата.
Економскиот форум е под покровителство на претседателката на Грција Катерина Сакеларопулу, која в среда и свечено ќе го отвори форумот, додека пак комплетната агенда ќе биде објавена во следните денови.
Главните теми на форумот ќе бидат геополитиката и меѓународната безбедност, климатската криза, светската економија, општеството, како и технолошкиот напредок и развој.
Следниот петок, на третиот ден, планирани се низа панели посветени на регионот, како на пример проширувањето на ЕУ, иднината на Западен Балкан, иницијативата Отворен Балкан, културното наследство во процесот на интеграција во Унија итн.
Делфи економскиот форум е независна, непрофитна организација со меѓународен карактер, каде секоја година се среќаваат престижни личности од економијата, политиката и академската заедница, а целта е да се прикаже реална рамка на цели и активности, да се бараат политики за справување со глобалните предизвици и да се најдат соодветни решенија за сложените прашања, како и да се промовираат иновативни идеи за одржлив и конкурентен раст за Европа и поширокиот регион на Источен Медитеран.