Претставници на Здружението нa граѓани „16-ти Март 2025 Кочани“ вчера се сретнале со амбасадорот на Република Бугарија во Р.С.Македонија, Желјазко Радуков, јавуваат од самото здружение, пренесува Трибуна.
„На средбата беа претставени клучните информации и тековните предизвици поврзани со судската постапка, како и потребата од транспарентно постапување на надлежните институции.
Амбасадорот Радуков изрази искрено сочувство и интерес за да ги слушне нашите позиции од прва рака, како и подготвеност да ја следи ситуацијата и понатаму. Ваквите средби се значајни за нас, бидејќи ни овозможуваат да ја пренесеме вистината за случајот и нашата борба за правда пред меѓународните партнери.
Нашето здружение останува отворено за комуникација, средби и соработка со сите дипломатски мисии, институции, организации и релевантни субјекти – од земјата и од странство – кои можат да придонесат кон фер процес, независна истрага и реална институционална одговорност.
Продолжуваме достоинствено и упорно, со јасна цел: Вистина. Правда. Одговорност“, стои во соопштението на Здружението нa граѓани „16-ти Март 2025 Кочани“ .























