Претседателот Стево Пендаровски и неговата сопруга Елизабета Ѓоргиевска денеска присуствуваа на културно-сценската манифестација „Галичка свадба“, што традиционално се одржува под негово покровителство.

Претседателот Пендаровски им честитал на годинашните младенци, Оливер Андреевски и Елисавета Булоска. Дарувајќи ги со „галичка пафта“ – со мотив од галичка носија, им посакал среќа, бериќет, љубов и хармонија во нивниот иден заеднички живот.

Како што соопштуваат од кабинетот на Пендаровски, тој изразил задоволство што сè уште постои голем интерес кај младите во земјава да бидат дел од Галичката свадба продолжувајќи ја оваа македонска вековна традиција.

Воедно, упатил честитки за шестдецениското негување на манифестацијата, која ги слави автентичните свадбарски обичаи и изворните песни и ора, претставува живо културно наследство и траен идентитетски белег.

„Галичка свадба“ официјално почна вчера со поставување на свадбарскиот бајрак и симболичниот чин на „фрлање три пушки“ од куќата на зетот. Денеска беа одбележани традиционалните свадбени обичаи, а младенците се венчаа во храмот „Св. Апостоли Петар и Павле“.