Тунискиот претседател Каис Саид го разреши директорот на националната телевизија Мохамед ал-Дахач и именува негов заменик, по повикот за заштита на слобода на говорот, соопшти претседателскиот кабинет.

Саид го смени Ал Дахач по вчерашниот инцидент, кога претставници на синдикатот на новинари и на синдикатот за човекови права изјавија дека им е забранет влез на телевизијата, дури и ако се поканети да се појават во емисија, пишуваат западните медиуми.

Амира Мохамед, заменик шеф на синдикатот на новинари, истакна дека Дахач и рекол оти командантот на војската му наредил да не пушта гости во зградата на телевизијата.

Како што се наведува, Дахач и претставникот за човекови права Басем Трифи подоцна успеале да се појават во емисијата, додека советник на Саид и портпарол на војската, исто така, биле интервјуирани во програмата, каде што и двајцата негирале каква било наредба за спречување на гостите.

Шефот на државата во неделата повика на итни овластувања за преземање контрола врз Владата, за смена на премиерот и блокирање на Парламентот, а војската ја опколи телевизиската станица, додека неговите противници таквиот потег го нарекоа државен удар.  (МИА)