По средбата со премиерот Заев, претседателот на Европскиот Совет, Чарлс Мишел не сакаше да одреди датум за отворање на преговорите меѓу земјава и ЕУ. Тој беше воздржан дури и за решавање на билатералниот спор меѓу Скопје и Софија и избегна да употребува оптимистичка реторика за брз почеток на преговорите за членство на земјава во ЕУ.
„Го пречекав Зоран Заев и го информирав дека ЕУ стои цврсто зад Северна Македонија во борбата против Ковид 19. Остануваме подеднакво посветени на европската перспектива на Северна Македонија и се согласивме за важноста на инвестициите финансирани од ЕУ за да се започне со опоравување.“
Од друга страна, Заев за средбата рече дека била одлична. Мишел покажал подготвеност земјава да чекори кон ЕУ на самитот во јуни, а во интервју за новинската агенција МИА, Заев истакна дека Европа ја чувствува обврската да си го одржи ветувањето за старт на преговорите. Надежта ја темели врз, како што рече, креативните идеи на Португалија, која претседава со Унијата.
„Идејата е да се види португалското претседателство кое работи на предлози кои ќе бидат во регионот до крајот на неделава. Работата е фатена на време, сепак е мај. Верувам дека имаме доволно време до Советот за општи работи кога ќе биде донесена одлуката.“
А, додека владата на Заев го зацврстува својот став дека е подготвена за преговори со Софија, но не и за македонскиот идентитет, бугарската техничка влада изрази подготвеност за преговори, но не и за промена на условите кон Скопје. Во интервјуто за „Политико“, Заев го предупреди Брисел дека со доцнењето на проширувањето на Западен Балкан, се зголемува евро-скептицизмот кај граѓаните и се остава простор за влијание на други сили, како Русија и Кина. Истата порака претходниот ден ја пренесе и претседателот, Стево Пендаровски.