Претседателот на Чешка, Петр Павел, денес предупреди дека нема прашање за безбедноста на Гренланд што не може да се реши со разговори на сојузниците во рамките на НАТО и дека американската анексија на тој дански остров би значела сериозна закана за кредибилитетот на западниот воен сојуз и принципите врз кои е основан.
„Кога едната страна е целосно отворена за разговори, нема смисла да се преземаат какви било присилни мерки. Какви и да се приговорите на САД во врска со Гренланд и одбраната, тие можат да се решат преку преговори на сојузниците“, рече Павел за време на неговата посета на Украина.
Павел рече дека Данска е отворена за разговори за посилно американско присуство и почести воени вежби, вклучително и користење на минералното богатство на островот, и предупреди дека секое воено решение веднаш ќе биде искористено од непријателите на Западниот сојуз.
„Тоа навистина би им било од рака и верувам дека ниту европските сојузници ниту САД не го сакаат тоа“, рече чешкиот претседател.
Павел, кој утре во Киев ќе се сретне со претседателот на Украина, Володимир Зеленски, дојде по трет пат од почетокот на руската инвазија на Украина, каде што разговараше за можна соработка во областа на противвоздушната одбрана, како што направи и новиот чешки министер за надворешни работи Петр Мацинка една недела претходно.
И двајцата им потврдија на украинските претставници дека меѓународната иницијатива „Муниција за Украина“, која ја координира Чешка, нема да биде суспендирана, иако партиите што ја сочинуваат новата чешка влада претходно се заканија дека ќе го сторат тоа кога ќе дојдат на власт.
Текстот Претседателот на Чешка: Американското преземање на Гренланд би претставувало сериозна закана за НАТО е превземен од МАКФАКС.























