Претседателот на СДСМ Венко Филипче, на денешната регионална конференција „Еден регион. Една визија. Една иднина“, во организација на Институтот Прогрес, истакна дека под водство на актуелната власт, се случува досега невиден дипломатски дебакл.

-Тотална дипломатска изолација на состанокот во ОН, претседателката се среќава со најниско рангираниот дипломат од Соединетите Американски држави. Ваков дебакл дипломатијата до сега нема доживеано, рече тој.

Филипче го опиша ова како симболична, но многу сериозна потврда за тоа каде се наоѓа денеска државата на меѓународната сцена. Според него, Македонија од земја што беше призната и поддржана од клучните стратешки партнери, денес е држава што единствено добива внимание на маргините, без реално политичко влијание, без сериозни разговори и без почит.

-Се сѐ сведува на правење селфија со некои дипломати по ходниците на големите светски институции, рече Филипче, додавајќи дека патот кон НАТО и ЕУ не бил лесен и не бил без политичка цена, но дека тој пат вредел и бил правилен.

Во продолжение од обраќањето, Филипче истакна дека разликата меѓу поранешната и сегашната власт е токму во тоа што СДСМ секогаш го ставала интересот на државата пред партиските калкулации.

-И сега тоа е само еден дополнителен поттик да се бориме и да им кажеме на граѓаните дека нашите политики беа добри, беа во интерес на државата, на граѓаните, не водевме сметка, не ставаме на кантар дали ќе изгубиме дел од својот политички рејтинг, затоа што вредеше државата да оди напред, да се реши деценискиот проблем со името, да станеме земја членка на НАТО, рече лидерот на СДСМ.

Филипче посочи дека со оваа актуелна власт европскиот пат е запрен, институционално и суштински, потенцирајќи дека  оваа  влада не сака да го продолжи европскиот пат.

Како што нагласи, недостасуваат лидерство, храброст и визија за иднината на државата, а власта бега од тешките одлуки и ги сведува сите надворешни ангажмани на површна слика за јавноста без реална содржина.

Текстот Претседателката се среќава со најниско рангираниот дипломат во САД, обвини Филипче е превземен од МАКФАКС.