Македонка Икономова-Давчева од здружението „Љубов сме – Jemi dashuri“, здружение за помош на пациенти болни од рак, на Фејсбук раскажа нејзино искуство со актуелниот градоначалник на Град Скопје, Петре Шилегов.
Икономова-Давчева вели дека го видела градоначалникот Шилегов на еден Осмомартовски марш, му пришла со намера да му се претстави од името на група граѓани за поддршка на пациенти кои се лекуваат од карцином и сакала да му каже дека им треба помош и поддршка, на што Шилегов и одговорил дека нема проблем и ѝ кажал да го побараат.
„Помина време, години … Му пишав кога се асфалтираше клинички. Знаете уличката пред онкологија беше страшна пешки да ја одиш, а не пак болен во количка да возиш. Тој ден бев на контрола, видов дека го асфалтираат паркингот (местото каде требаше да се гради клинички). Тоа беше толку блиску до онкологија. Ја сликав уличката и му ја пратив на порака. Реков ајде асфалтирајте и тука и ставете ни една клупа да не стоиме додека чекаме надвор, да има каде да седнеме (имаше стари дотраени клупи). За два дена ми пушти слика дека веќе е направено“, појаснува Икономова-Давчева.
Во меѓувреме „Љубов сме – Jemi dashuri“ се регистрира како здружение и повторно на средба со градоначалникот Шилегов, Икономова-Давчева му објаснила дека пациентите што одат на зрачење се ослободени од плаќање паркинг, но и побарала да се ослободат од паркинг и тие што одат на хемотерапија.
„Знаете некој прима хемо по неколку дена и кога ќе пресметаш тоа се многу пари за нас. Речено сторено. Сега само покажуваш извештај и не плаќаш ниту кога одиш на зрачење ниту на хемотерапија. Од пред извесен период и крводарителите кои одат да даруваат крв се ослободени … и тоа го направи. Остана ветување дека на клупите пред онкологија ќе ни направи настрешница да се заштитиме од сонце, дожд … и уште многу други работи кои како град можат да ни ги решат и ни го олеснат патот на лекувањето … ете тоа е Петре.“, завршува во својата објава Икономова-Давчева.