Претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола денеска во Киев изјави дека Европејците се со Украина и ќе помогнат во обновата на градовите по завршувањето на војната со Русија.
Роберта Мецола, која е претседателка на Европскиот парламент од јануари, рече дека институцијата ќе ги поддржи напорите на Украина да го започне процесот за пристапување во Европската унија.
– Ве молам, верувајте ми кога велам дека Европскиот парламент, Европската унија и европските граѓани се со Украина. Затоа сум овде денеска, бидејќи сме со вас, рече таа по пристигнувањето во главниот град Киев.
Мецола и вети три работи на Украина.
– Прво, криминалната инвазија на претседателот Владимир Путин на Украина ја доведува Русија во директна конфронтација со Европа, меѓународната заедница и светскиот поредок заснован на правила. Ова не е нешто што ќе му дозволиме да го направи без отпор, изјави таа.
– Второ, Европската унија ги препознава вашите европски амбиции и вашите аспирации да бидете земја кандидат. И можете да сметате на целосната поддршка од Европскиот парламент во постигнувањето на оваа цел, додаде таа.
– Трето, ќе ви помогнеме да ги обновите вашите градови и места кога ќе заврши оваа незаконска, неиспровоцирана и непотребна војна. Ние веќе обезбедивме финансиска, воена и хуманитарна помош. Тоа ќе продолжи и ќе се зголемува, рече Мецола на заедничкиот брифинг со Руслан Стефанчук, претседател на Врховната Рада, украинскиот парламент.
Стефанчук рече дека разговарал за дополнителни меѓународни санкции против Русија, хуманитарна и воена помош за Украина и процедурите за пристапување во ЕУ.