Еден актуелен и еден поранешен кандидат на Академијата за судии и обвинители, како и еден вработен во институцијата, се под лупа на Обвинителството за организиран криминал и корупција. Ова беше причината синоќа во просториите на Академијата да упадне крим-полицијата, јавува ТВ21.

„Беа одземени електронски податоци од компјутерски системи, мобилни телефони и досиеја од веќе избрани судии и обвинители.“, вели Гоце Андреевски.

Од Обвинителството соопштија дека се испитуваат сомнежи за кривично дело, што биле откриени во телефонот на врховен судија против кого веќе има активна истрага. Не го посочија со име, но станува збор за телефонот на врховниот судија Наке Георгиев, против кого се води истрага за примање мито.

 

„Во рамките на предмет против врховен судија, јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција при анализа на телефонот на осомничениот дојде до сознанија што упатуваат на можно сторување на друго кривично дело. Како резултат на тоа, предметниот обвинител со цел да ги испита ваквите индиции оформи предмет со кој достави барање до судијата на претходна постапка при Основен кривичен суд Скопје за одземање на два мобилни телефони од лице вработено во Академијата за судии и јавни обвинители, како и видео запис и две досиеја за еден поранешен и еден актуелен кандидат на Академијата“, велат од ОЈО.

Обвинителството предводено од Илсам Абази не информира за кои двајца кандидати за судии и обвинители имаат сомнежи за кривично дело. Инаку, врховниот судија Наке Георгиев беше уапсен на 20-ти мај годинава, зашто наводно зел мито од десет илјади евра, а за возврат требал да пресуди олеснителни околности во делото за поранешниот градоначалник на Ново Село, Боро Стојчев, познат како Боро Марлборо, кој бил уапсен за шверц на марихуана. Во истиот случај на распит беше повикан и поранешниот омбудсман Иџет Мемети, кој е член на Советот на јавни обвинители и наводно соработувал со судијата Георгиев. Нивни блиски роднини се поврзуваат со Академијата за судии и обвинители. Претходно, директорката на Академијата, Наташа Габер-Дамјановска, на 12-ти месецов, поднесе неотповиклива оставка од функцијата. Причина беше неможноста да спроведе тестови за прием на кандидати во деветтата генерација.