Пресудата за дел од обвинетите во случајот „Титаник“ кои признаа вина е закажана за 28 февруари. Во своите завршните зборови во Основниот Кривичен суд – Скопје, одбраната на обвинетите денеска побара од судот да ги има предвид сите олеснителни околности, особено доблеста што ја признаа вината за сторените дејствија.
Претходно, обвинителката Лиле Стефанова пред судот ги претстави олеснителните и отежителните околности и посочи на ублажување и условување на казните.
Обвинетиот Мартин Протуѓер посочи дека овој гест се однесува исклучиво на него.
– Како учесник во политичките случувања во минатото и носењето одлуки во минатото чувствувам една морална обврска да го направам тоа што сега го правам и би потенцирал нешто што не го споменав претходно, а чувствувам потреба да биде кажано, дека овој гест и ова чувство на одговорност се однесува исклучиво на мене, а не и за припадниците на МВР кои што се во извесна смисла, согласно обвинението поврзани со мене и фактичката состојба во однос на нив е различна, посочи тој.
Протуѓер смета дека јавноста изградила едно мислење и оценка за секој од нив врз основа на тоа што во политичка борба ѝ било понудено на јавноста, при што истакна дека без разлика на неговиот однос кон тоа, длабоко и искрено жали.
Миле Јанакиески замоли за најминимална можна казна.
– Девет години постојано работев нешто да направам за оваа држава, а веќе седум години издржувам казна. Од 2015 јас секој ден сум на суд. Ова го направив бидејќи чувствував пред сѐ морална одговорност и затоа се извинив на сите оние непријатни моменти во бомбите и покрај тоа што и таму сум бил жртва бидејќи заедно со мојата сопруга сум прислушкуван, но сметам дека треба да го направам овој чекор за да на некој начин придонесам за подобрување на состојбата во општеството, рече Јанакиески, дополнувајќи дека секој ден поголема казна ќе биде помалку време за нивните деца.
Обвинетата Катерина Веловска побара судот да го цени тоа што таа работи државна работа.
– Јас по природа сум легалист, го почитувам словото на законот и затоа овој чин на одговорност денеска за мене претставува еден вид олеснување за нешто сторено несвесно и со добра мисла, без притоа на ниту еден човек на избирачкиот список во 2011 година да му го нарушам избирачкото право, рече таа.
Гордана Јанкулоска во завршните зборови истакна дека верува дека овој судечки совет направил правилна проценка за профилот од секој од нив.
– Со признавањето на вина по однос на ова обвинение, сакам да испратам порака дека секој што се нафатил да извршува јавна функција, државна или политичка, мора да биде подготвен да се соочи со последиците од одлуките во кои учествувал, и за време на извршувањето на мојата функција, и сега, како поранешен функционер ниту бегав, ниту ќе бегам од одговорност, на јавноста ѝ е познато дека имајќи во предвид дека извршував една од најкомплексните функции, министер за внатрешни работи, учествував и во донесување на одлуки кои не само што не биле лесни, туку многу често биле и многу ризични, вклучително и ризични по мојот живот, посочи Јанкулоска.
Според неа, ова признание на вина ќе даде придонес за зајакнување на правната држава.
Обвинетиот Мунир Пепиќ изјави дека признал вина за да ги скрати своите и маките на неговото семејство.
– Доволно им го уништив животот на моето семејство и својот, затоа и донесов денеска таква одлука, да признам вина, да им ги скратам маките на моето семејство и на сам себе си, рече тој.
Завршни зборови имаше и одбраната на Билјана Бришковска-Бошкоски, Киро Тодоровски и Коста Митроски, кои, исто така, признаа вина.
Случајот „Титаник“ го води судијата Осман Шабани, додека, обвинението го застапува обвинителката Лиле Стефанова.
Освен поранешниот премиер Никола Груевски кој е во бегство, во „Титаник“ обвинети се и Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристоски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.
Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.
Судењето за останатите обвинети во случајот кои не се чувствуваат виновни продолжува на 9 март.