Четири условни и четири затворски казни беа изречени денеска во Основниот кривичен суд во Скопје за осум лица – поранешни функционери во Владата и во ВМРО-ДПМНЕ, како и други обвинети лица кои на минатото судско рочиште решија да признаат вина во предметот „Титаник“ кој се однесува на кривични дела против изборите и гласањето за парламентарните избори во 2011 и локалните избори 2013 година.
Казните кои ги соопшти судечкиот совет на чело со судијата Осман Шабани се:
- Гордана Јанкулоска– затворска казна од 2 години и 6 месеци
- Мартин Протуѓер– условна казна затвор од 2 години која нема да се изврши ако во рок од 5 години не стори ново кривично дело
- Миле Јанакиески– затворска казна од 4 години и 6 месеци
- Билјана Бришковска-Бошковски– условна казна затвор од 2 години која нема да се изврши ако во рок од 5 години не стори ново кривично дело
- Катерина Веловска– условна казна затвор од 2 години која нема да се изврши ако во рок од 5 години не стори ново кривично дело
- Киро Тодоровски– условна казна затвор од 2 години која нема да се изврши ако во рок од 5 години не стори ново кривично дело
- Мунир Пепиќ– затворска казна од 1 година
- Коста Митровски– затворска казна од 3 години
По изрекувањето на пресудата, обвинителката Лиле Стефанова побара судот да определи мерка куќен притвор на Јанакиески поради опасност од бегство. Како отежнители околности наведе што тој веќе со првостепена пресуда има затворска казна за настаните од 27 април 2017 во Собранието и што се водат и други постапки против него, а како олеснителна ја посочи неговата здравствена состојба.
„Титаник“ е првиот случај за кој своевремено, на почетокот на 2016, Специјалното јавно обвинителство (СЈО) отвори истрага. По поднесувањето на обвинението првото рочиште беше закажано во април 2018, а по речиси четири години судења, на минатото рочиште на 11 февруари признаа вина дел од обвинетите.