Заврши жетвата на пченицата. Но, колку произвеле земјоделците државата ќе знае кон крајот на август. Се жалат дека за еден засаден хектар добиле само половина од очекуваното. Ако во просперитетна година за еден набран хектар се собирале 5-7 илјади килограми пченица, годинава земјоделците велат дека во најдобар случај добиле по околу 3.500 килограми пченица по хектар. Од Министерството за земјоделство велат дека тоа е последица на климатските промени. Во текот на месец јуни, кога пченицата требаше да го наполни зрното, немаше доволно сонце туку интензивни врнежи . Министерот Николовски рече дека годинава е засадено 8 отсто повеќе пченица, благодарение на субвенциите, пренесува Алсат.

Официјално до 31 август има рок земјоделците да ја депонираат пченицата до официјалните продажни места. Од Министерството за земјоделство дотогаш велат дека не може да има точни податоци колку тони пченица се собрани од нивите во земјава. Откупната цена на пченицата е 18 денари за килограм, вредност која според надлежните е многу ниска во однос на трошоците за одгледување на пченицата.

Според аграрните здруженија, во земјава се обработуваат само 60 отсто од земјоделските површини, а останатото останува неплодно.

Во последните неколку дена беше отстранет проблемот со системот за наводнување во најпродуктивната област во земјава за овие земјоделски култури, „Овче Поле“, по протестот на земјоделците. Поради застарениот систем, потребно било санирање, токму во периодот кога требало да се наводнуваат посевите. Се сомневаат и на незаконско поврзување со системот, а недостатокот на вода е еден од факторите за слабиот принос на овие земјоделски култури.