Здружението на граѓани „16 март“, формирано од дел од родителите и семејствата на загинатите деца во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, изрази длабоко сочувство до семејството на пејачот Владимир Блажев – Панчо, кој почина денес, седум месеци по трагедијата.
„Со длабока тага и солзи во очите ја примивме веста за загубата на уште еден млад живот – Владимир Блажев, Панчо, талентиран пејач од групата ДНК, 63-та жртва од пожарот во ‘Пулс’. Млад човек со сонувања и енергија што допираше срца, сега замина предвреме, оставајќи празнина која не може да се пополни,“ стои во пораката.
„Вашата болка е наша болка. Вашата загуба е наша загуба. Ги чувствуваме секоја солза и секој празен момент што го остава оваа трагедија,“ додаваат од здружението.
Во пораката стои и: „Пренеси им поздрав и порака на нашите ангели дека засекогаш ќе останат во нашите срца. А ние нема да молчиме – правдата мора да дојде!“
Од здружението порачаа дека „ова не е само број – ова е живот што носеше радост и надеж“ и дека „правдата мора да се извојува – за Панчо, за секоја жртва, за секој млад живот што беше одземен“.
Текстот „Пренеси им поздрав и порака на нашите ангели“ – родителите од Кочани сочувствуваат со смртта на Панчо е превземен од МАКФАКС.