Знамето на ОН ќе биде подигнато на преминот Рафа меѓу Египет и Газа за да се заштити од израелски воздушни напади согласно договорот меѓу Израел и Египет со посредство на ОН за да се дозволи помош да влезе на палестинската територија.
Египетски функционер и европски дипломат велат дека набљудувачи од ОН, исто така, ќе ги прегледаат камионите што носат помош пред да преминат во Газа.
Според нив, ОН ќе ја надгледуваат помошта, заедно со Египќаните и палестинските друштва на Црвената полумесечина, за да се погрижат да им се дава на цивилите и да не ја користат палестинските терористи.
Египетскиот функционер вели дека тие сè уште преговараат со Израел да се дозволи да се внесе и гориво во Газа, каде што недостигот на оваа суровина принуди повеќе болници да се затворат.
Светската здравствена организација претходно го поздрави договорот со кој ќе се овозможи влез на 20 камиони со помош во Газа од Египет.
– Нашите камиони се натоварени и подготвени за тргнување, рече генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус на прес-конференција. Тој изрази надеж дека помошта ќе биде испорачана утре.
Доктор Мајкл Рајан, извршен директор на Програмата за итни здравствени случаи на СЗО, рече дека треба да им биде дозволено да влезат во Газа секој ден бидејќи 20 камиони се „капка во океанот“ помош која е неопходна.
– Ќе се молам оваа вечер, и не се молам многу често, таа граница да се отвори утре, рече Рајан.