Европската Унија треба да биде попроактивна и да не реагира само на предлозите на другите земји во врска со преговорите за прекин на војната во Украина, изјави премиерот на Луксембург, Лук Фриден, денес во Загреб, објави „Хина“.
„Ние ја поддржуваме секоја иницијатива за мир, но Европа не треба да чека на иницијативите на другите луѓе. Ние сме силен континент заснован на владеењето на правото, а ова се случува на нашиот континент и ни е потребна тесна координација“, рече Фриден на заедничката прес-конференција со неговиот хрватски колега Андреј Пленковиќ во Бански Двори.
Минатата недела беше објавен мировен план на САД од 28 точки за кој украинските и европските претставници рекоа дека е премногу услужлив кон Москва. Европските земји понудија свој контра-предлог за мир на разговорите во Женева, а САД и Украина објавија дека создале „ажурирана и ревидирана мировна рамка“ за да се стави крај на војната.
Пратеникот на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф, и зетот на претседателот, Џаред Кушнер, денес се среќаваат со рускиот претседател Владимир Путин во Москва. Русија бара Украина да се откаже од НАТО, да ја задржи руската контрола врз една петтина од украинската територија и да ја ограничи украинската војска.
Фриден нагласи дека Русија мора да разбере дека не може да ја преобликува Европа со сила и дека ЕУ треба да спречи поставување погрешен преседан.
„Веруваме дека сите дискусии за европската безбедност мора да се водат со присуство на Европа и Украина. Благодарни сме за напорите на другите, вклучително и на САД, но фундаменталните прашања мора да се решат заедно со целосна согласност на украинските власти“, рече тој, додавајќи дека мора да се даде и согласност од членките на ЕУ.
фото/ЕПА
Текстот Премиерот на Луксембург: Русија мора да разбере дека не може да ја преобликува Европа со сила е превземен од МАКФАКС.























