Премиерот Христијан Мицкоски им го честиташе Воскресението Христово на сите граѓани, упатувајќи порака за надеж, заедништво и духовна сила во време на големи општествени предизвици.

„Во овие свети денови на Христовото Воскресение, дозволете ми да Ви упатам искрени честитки во мое лично име и во името на Владата. Нека оваа Пасха донесе духовна радост, мир и благослов во секое македонско семејство“, порача премиерот.

Во своето обраќање, Мицкоски нагласи дека Христовото Воскресение е вечен симбол на победата на животот над смртта, на светлината над темнината.

„Вашата улога во зачувување на верата, традицијата и моралните вредности е од непроценливо значење за нашето општество“, посочи тој, додавајќи дека Владата останува посветена на заштита на духовните и семејните вредности во време на брзи општествени промени и глобални притисоци.

Мицкоски подвлече дека граѓаните се соочуваат со реални проблеми и грижи, но изрази решителност да се работи заедно за подобра иднина.

„Јас сум цврсто и непоколебливо решен заедно да го изодиме до целта. Заедно да ги менуваме работите, да се бориме против несигурноста и ударите кои треба да не поколебаат“, изјави тој, нагласувајќи дека грижата за ближниот и вербата во Бог се темел на силно и одговорно општество.

На крајот од пораката, премиерот упати благослов за државата: „Нека светлината на Воскресението биде водилка во нашите заеднички напори за изградба на праведно и хумано општество. Бог да ја чува Македонија. Христос Воскресе!“