Премиерот Димитар Ковачевски заедно со министрите за образование и наука Јетон Шаќири и за внатрешни работи Оливер Спасовски, денеска го посетија регионалниот центар за стручно образование и обука „Киро Бурназ“, во општина Куманово и го разгледаа реконструираното училиште. Училиштето е целосно реконструирано, реновирани се одвоените простории, набавени се нови помагала, инструменти, обновени се кабинетите за изведување на практичната настава, интернатот.
Училиштен објект е изграден по најсовремени стандарди, рече премиерот Ковачевски и дополни дека Владата постојано вложува средства во унапредување на образовниот процес и реконструкција на објектите.
– И најдобар пример за тоа како треба да изгледа еден образовен објект е токму ова училиште. Ако треба да направам споредба тогаш основното училиште „Киро Глигоров“ во Скопје и средното училиште во Куманово „Киро Бурназ“ практично се двете најдобри училишта коишто се изградени во мандатот на оваа Влада за разлика од другите коишто во минатото не инвестираа во образовните објекти. И една таква стратегија вклучително и воведувањето на дуалното образование значи многу за учениците коишто се подготвуваат не само со знаете, туку и со голем број на вештини да бидат подготвени за работните обврски и што побрзо да се вклучат во економскиот живот на државата, рече Ковачевски.
Зборувајќи за дуалното образование, тој нагласи дека во училиштето има повеќе насоки од прехранбена струка, сточарство и ветеринарство, ќе се воведе машинска струка. Учениците ќе учат и практично, што ќе им го олесни процесот при вработување.
– Новиот интернат којшто е комплетно изграден и навистина е задоволство да се видат такви услови во коишто може да престојуваат учениците каде што за сите ученици е обезбедено сè што е потребно. Покрај образовните објекти овде има и прекрасна спортска сала, меѓутоа и се она што е потребно од аспект на лаборатории, работилници за сите насоки коишто посетуваат дуално образование и обука во училиштето. Вложени се три милиони евра коишто финансиски средства се искористени за комплетно реновирање на објектите, меѓутоа и за набавка на комплетно нови помагала, лаборатории, работилници, училници, опрема за учениците. Најголемиот дел од тие финансиски средства се од ЕУ преку ИПА фондовите, дел се исто така и сопствено финансирање на МОН, рече премиерот.
Тој на учениците и наставниците им посака успех во новата учебна година.
Министерот за образование и наука, Јетон Шаќири рече дека учебната година ќе трае до 17 јуни, а за првпат учениците ќе имаат и пролетен распуст од 29 април до 5 мај. Честитајќи им ја новата учебна година на учениците и наставниците, Шаќири кажа дека годинава ја почнуваат со најава за повисоки плати и со над 50 реконструирани училишни објекти.
– Ова училиште кое денес го посетуваме е токму едно од овие крупни инвестиции со кои ја унапредуваме образовната инфраструктура. Само тука се вложени околу три милиони евра со кои целосно е реконструирано училиштето, интернатот и во тек е постапка за комплетирање на опремата. Инвестицијата е поддржана од ЕУ, од буџетот на нашата земја, преку ИПА фондовите и тоа е одличен показател дека Унијата ни помага во унапредување на образовната сфера што е особено важно за нашето приближување кон развиеното европско семејство кое сите го сакаме, кажа Шаќири
Тој нагласи дека интересот за дуалното образование рапидно се зголемува.
– Како што посочив, добивме голема поддршка од ЕУ, но и од бројни други надворешни фактори во развојот на механизмот за создавање на квалитетна и квалификувана работна сила и затоа уверувам дека заложбите за постигнување на целта ќе продолжат и ќе се зголемат во наредниот период. Воедно потврдувам дека додека сум министер за образование јас на младите, односно на идните средношколци им препорачувам да одберат стручно образование особено дуално кое значително го проширивме како концепт во изминатиот период во најголем дел од училиштата во нашата држава. Посакувам што помалку предизвици да биде заокружена учебната година затоа е потребна заложба од сите нас, поддршка од семејствата на учениците, поддршка и максимална заложба од наставниците, активистите, граѓанските организации, бизнис заедницата и воопшто на сите општествени чинители затоа што конечно на крајот какви ученички генерации ќе создаваме не зависи само од еден фактор или од една засегната страна – зависи од сите нас, кажа министерот.
Наставата ја почнуваат над 250 илјади ученици од кои 20-тина илјади првачиња.
И директорката на училиштето, Весна Трајковска потврди дека рапидно расте бројот на ученици кои одбираат дуално образование со што им се зголемуваат можностите за вработување. Конкретно во „Киро Бурназ“ за 80 проценти е зголемен бројот на запишани ученици. За нивните потреби склучени се 95 меморандуми со компании каде може да се изведува практичната настава.
-Со измените на Законот за средно стручно образование преку трансформација на средното стручно училиште „Киро Бурназ“ се воспостави Регионален центар за стручно образование и обука „Киро Бурназ“ – Куманово и тоа за три квалификации во две струки за кои се подготвени и одобрени нови стандарди, а тоа се хемиско-технолошка за прехранбен техничар и земјоделско-ветеринарна за агротехничар и техничар по фитомедицина. Исто така се дефинирани и квалификации за реализација на програмите за образование на возрасни и за валидација на неформално учење, кажа Трајковска.
„Киро Бурназ“, сместен во село Долно Којнаре, кумановско воведе и нови струки сообраќајна и здравствена струка покрај постоечките четири – земјоделско-ветеринарна, земјоделско-ветеринарна, машинска и лични услуги каде што настава се изведува на македонски и наставен јазик.






















