Со премиерата на „Магбет“ во режија на унгарскиот режисер Сабо Иштван, на 14 ноември ќе биде свечено отворено 11. издание на Шекспир фестивалот во Битола, кој оваа година се совпаѓа со 81. роденден на Народниот театар Битола.
На денешната прес-конференција директорот на театарот, Васко Мавровски, истакна дека одлуката фестивалот да се одржи во есенски период е донесена затоа што културата не смее да биде резервирана само за летните месеци.
Тој се осврна и на успесите на Битолскиот театар во изминатиот период: „Ричард Трети“ доби специјална награда за најдобра претстава на фестивалот „Ристо Шишков“, „Снежана и седумте џуџиња“ гостуваше на фестивалите „Силјан Штркот“ и „Малиот принц“, „Рибарски караници“ беа дел од Денови на комедијата, „Отворено море“ гостуваше во Полска. „Магбет“ со екипа од 39 членови: спектакл што отвора нова димензија на Шекспир.
Мавровски ја најави „Магбет“ како спектакл од тип што одамна не се видел во Битолскиот театар, со екипа од 39 лица.
„Ова е претстава што отвора нови димензии на размислување како може да се постави Шекспир – трагедијата на работ меѓу комедија, гротеска и епска драма“, рече тој, додавајќи дека Иштван создал „епохално дело што ќе се памети“.
Тој истакна дека успеале да ја вклопат целата програма во буџетот добиен од Министерството за култура и Општина Битола.
Бесплатен влез за сите претстави
„Додека сум менаџер на овој театар, влезниците за Шекспир фестивалот ќе бидат бесплатни“, најави Мавровски, нагласувајќи дека салата повторно е преполна, а публиката зголемена за 60–70 проценти.
„Учениците и гимназијалците се вратија, не држат на сцената со 15-минутен аплауз. Тоа е магијата на театарот“, додаде тој.
Екипата на „Магбет“ ја сочинуваат асистент на режија: Јован Ристовски, сценограф: Валентин Светозарев, костимограф: Благој Мицевски, композитор: Ерно Веребес, видео дизајн: Сергеј Светозарев, светло: Горан Петровски, тон: Николче Терзиевски, видео оператор: Владимир Переловски, инспициент: Димитар Михајловски / Оливер Петровски, суфлер: Мирјана Христовска.
Улогите ги толкуваат: Александар Димитровски, Никола Стефанов, Мартин Мирчевски, Јулијана Мирчевска, Борче Ѓаковски, Огнен Дранговски, Катерина Аневска Дранговска, Мартин Митровски, Филип Мирчевски, Александар Стефановски, Иван Јерчиќ, Никола Пројчевски, Петар Спировски, Живко Борисовски, Соња Михајлова, Ана Грамосли, Марија Стефановска, Марија Цветановска, Ива Лазарова.
Режисерот Сабо Иштван истакна дека работата била „прекрасно искуство“ со талентирана екипа:
„Мајерхолд рекол дека вистинскиот начин да се прави театар е гротеската, затоа што човековата природа е гротескна сама по себе. Тоа го истражуваме во оваа претстава.“
Актерот Мартин Мирчевски,вели дека процесот бил „поинаков и инспиративен“, а актерката Јулијана Мирчевска, која ја игра Лејди Магбет, истакна дека за време на пробите „пораснале и како актери и како луѓе“.
Меѓународни гости и богата програма
Уметнички раководител на фестивалот е Благој Мицевски, кој потенцира дека Битолскиот театар е познат по интернационални соработки и дека ова издание носи нови можности за промоција во странство. Меѓу гостите се: Филип Пар, претседател на Европската асоцијација на Шекспир фестивали, Џон Блондејл, уметнички директор на фестивалот во Верона, Влад Драголеску од фестивалот во Крајова.
Програма на фестивалот (14–21 ноември)
15.11 – „Дванаесеттата ноќ“ – Драмски театар „Александар Венгерко“, Полска
17.11 – „Крал Лир“ – „Lit Moon Theatre“, САД
18.11 – „Еволуцијата на распадот“ – АРТЕМА, Скопје
19.11 – „Само ти(и)ја / Only You (and I)“ – Тим Театрос К, Скопје
19.11 – „Ричард III“ – Народен театар Битола
20.11 – „Јас Писблосом“ / „I, Peaseblossom“ – Хрватска/Англија
21.11 – „Како што милувате / As You Like It“ – ДТ „Стојан Бачваров“, Варна
Битолскиот театар ги поканува граѓаните да прослават 81 година театарска магија.
Текстот Премиерата на „Магбет“ ќе го отвори фестивалот „Шекспир“ и ќе го одбележи 81. роденден на Битолскиот театар е превземен од МАКФАКС.






















