Театарската претстава во рамки на проектот „Ние, луѓето“ на Театар Пи, е во режија на Златко Митрески и Македонка Илиевска Митреска.
Асистент на режија и едукатор е познатата режисерка од Бугарија Гергана Тодева. Во проектот како актери се вклучени лица со попреченост и лица со атипичен развој. Премиерата ќе се одржи на 10 ноември, во недела во Центарот за култура во Ѓорче Петров, со почеток од 19 часот, јавува Трибуна.
– „Ние, луѓето“ е мултимедијален концепт со кој низ главно театарски, но и фотографски, сценографски, музички и психолошки работилници кои ги водат едукатори-професионалци во својата област, учесниците со типичен и атипичен развој поминаа низ целосен процес на создавање на комплетно театарско дело, објаснуваат од Театар „Пи“, додавајќи дека настанот е дел од кампањата за вклучување на лица со посебни потреби како и лица со типичен и атипичен развој во културата, почната во јануари 2023 , а завршува со театарска премиера. Темата е инспирација од писателот Јордан Радичков, а проектот е финансиран со средства од Бугарска развојна помош, известуваат од Театар „Пи“.
Инаку, Театар „Пи“ е создаден пред 15 години и единствениот на Балканот кој континуирано работи со лица со интелектуална попреченост и лица со типичен развој. Тој е основан и предводен од актерите Златко Митрески и Македонка Илиевска.