Луѓето коишто го прележале корона вирусот најверојатно ќе имаат имунитет кој трае најмалку пет месеци, но постојат и докази дека лицата со антитела, исто така, може да го носат и да го шират вирусот. Најново истражување на британски научници, го открива „загрижувачкиот“ факт дека лицата со антитела може да бидат потенцијални „преносители“ по одредено време.
Прелиминарните откритија на научниците од Државната здравствена агенција (ПХЕ) покажале дека случаите на повторна зараза кај луѓето кои оздравеле од Ковид-19, се ретки. Од 6.614 случаи на инфекција набљудувани во студијата, повторно се заразиле само 44 лица.
Меѓутоа, експертите предупредуваат дека тие сознанија значат оти луѓето кои го прележале вирусот во првиот бран на пандемијата на почетокот на 2020 година, сега повторно би можеле да се заразат. Тие исто така предупредуваат дека луѓето со таканаречен природен имунитет, кој се стекнува преку заразата со корона вирусот, може да го носат вирусот САРС-КоВ-2 во носот и грлото и да го пренесат на други луѓе.
Знаеме дека повеќето од оние кои биле заразени и имаат антитела се заштитени од повторна инфекција, но не во целост и сè уште не знаеме колку долго трае таа заштита. Тоа значи дека иако некој верува дека е заштитен, бидејќи веќе ја преболел заразата, мала е веројатноста дека ќе развие сериозни симптоми на инфекцијата. Но, постои ризик повторно да се зарази и таа зараза да ја пренесе на други – истакнува советничката при ПХE, Сузан Хопкинс, која е коавтор на истражувањето.
Наодите од студијата не се однесуваат на антителата или другите имунолошки реакции стекнати со вакцината против Ковид-19, а овие реакции ќе се истражуваат подоцна оваа година.
Студијата, позната како „СИРЕН студија“, била спроведена на десетици илјади здравствени работници во Велика Британија, кои редовно се тестирале за присуството на инфекцијата со Ковид-19 и антитела од јуни минатата година.
Помеѓу јуни и ноември, истражувачите откриле 44 случаи на потенцијална реинфекција, од кои два биле „веројатни“ и 42 „можни“, од 6.614 учесници кои имале антитела, што укажува дека стапката на заштита од повторна зараза е 83 отсто.
Истражувањето укажува на тоа дека некои луѓе со природен имунитет сè уште можат да носат високи нивоа на вирусот и да го пренесат на другите. Затоа, во студијата се наведува дека е неопходно сите да продолжат да ги почитуваат правилата и да останат дома, иако веќе ја преболеле заразата со корона вирус.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.