Два руски стратешки авиони-бомбардери Ту-95 и четири кинески авиони бомбардери Х6К денеска заеднички патролираа над западниот дел од Пацификот. Авионите прелетаа над Јапонско и над Источно Кинеско Море.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека заедничката мисија е наменета на „развој и продлабочување на сеопфатното руско-кинеско партнерство, со натамошно зголемување на нивото на соработка на двете војски, проширување на нивните способности за заедничко дејствување и зајакнување на стратешката стабилност.

Во соопштението се додава дека патролниот лет не бил насочен кон ниту една држава.

Денешната мисија е втора по ред, а првото заедничко патролирање на руски и кинески бомбардери беше изведено во јули во 2019 година на истото подрачје.

Рускиот претседател Владимир Путин во октомври изјави дека „засега нема потреба за руско-кинески воен сојуз, но оти не може да биде исклучена таквата идеја во иднина”. Неговата изјава укажува на продлабочување на врските помеѓу Москва и Пекинг во време на се поголеми тензии во односите на Русија и Кина со САД.

Путин тогаш истакна дека Русија со Кина разменила воена технологија, што ќе помогне во унапредување на кинеските однранбени капацитети.