Преку страничен ѕид непознати лица синоќа упаднале во просториите на Бугарскиот културно-информативен центар во Скопје. Причинета е материјална штета, според првичните проценки и по оперативно-истражните дејствија на полицијата, констатирано е дека недостасува дел од компјутерската опрема во центарот. Нема оштетувања на централната фасада на просториите.

Крајно непријатен инцидент, чекаме полицијата да си ја заврши работата и да се расветли вандалскиот чин со оглед на активната културна политика, отворениот дијалог што бугарскиот Културно-информативен центар го води и кој има за цел да гради мостови, изјави за БТА директорката Антонија Велева од Културно-информативниот центар на Бугарија во Република Северна Македонија, пренесува Трибуна.

„Без разлика на мотивацијата на сторителите, делото е напад врз самата бугарска држава, пред лицето на државна институција. Потсетуваме дека со билатералниот договор за отворање на Културно-информативните центри од 2003 година, двете земји се обврзаа да гарантираат нормално функционирање на културно-информативните центри во двата главни града“, реагираат од Министерството за надворешни работи на Бугарија. .

Новите простории на Бугарскиот културно-информативен центар во Скопје свечено беа отворени на 25 ноември 2022 година во присуство на министрите за култура на Бугарија и на Република Северна Македонија.

Центарот е формиран во 2006 година како резултат на договор меѓу владите на Република Бугарија и Република Македонија од 18 април 2003 година.