Општина Штип наредниот месец ќе го креира Буџетот за следната 2024 година. Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов вели  дека активностите за следната година ќе се одредат токму врз основа на потребите на жителите.

– Очекувам она коешто е приоритет на граѓаните да биде нотирано преку овие средби, и минатата година имавме такви средби со коишто го креиравме Буџетот којшто денес го реализираме, а, еве, во наредниот месец очекувам граѓаните своите предлози и идеи, коишто се суштински за развој на градот, но и за решавање на одредени проблеми и потреби да ги проследат до нас како информација. Благовремено ќе бидете информирани за сите средби коишто ги организираме. Средбите ќе бидат организирани во секоја Урбана заедница или во Општина Штип“, вели Јорданов.

На прашањето: Дали е задоволен од реализацијата на Буџетот за 2023 година, Јорданов вели дека секогаш може подобро. Според него годината била полна со активности, кои се реализирале и покрај опструкциите од централната власт. Очекувањата се  уште подобра  да биде и 2024 година.

– Годината којашто следи очекувам да биде развојна година со многу реализирани капитални инвестиции. Компаративно со оваа година којашто изминува, сметам дека ќе имаме развојна компонента, повеќе инвестиции, тоа е нашата тенденција – секоја година којашто следува да биде подобра и со поголем Буџет од годината којашто изминала. Ако ме прашувате дали сум задоволен од она коешто граѓаните го видоа и сѐ уште го гледаат во оваа година, секогаш може подобро. Сепак, имајќи предвид дека имаме опструкции на дневно ниво, средствата коишто се предвидени, а не се реализираат, сигурно дека доколку овие активности беа поинакви, развојот на Штип, ќе беше поголем, рече Јорданов.

Вкупниот буџет за 2023 година споредбено со 2022 беше зголемен за 4,2% и изнесуваше нешто повеќе од една милијарда денари. Според истиот, Општината за капитални инвестиции требаше да потроши 37% од вкупниот буџет.