Контингентот од 10 илјади вакцини Фајзер се очекува да пристигне вечерва од Бугарија. Здравствените власти очекуваат втората пратка со уште 10 илјади дози да пристигне една недела подоцна, односно на 26 април.
Вакцината на американско-германскиот производител доаѓа преку Софија само како транспортна логистика бидејќи снабдувањето со овие вакцини се врши преку директно купување.
Од Министерството за здравство велат дека до крајот на месецов се очекува да пристигнат уште 200.000-те кинески вакцини за процесот на имунизација да може да продолжи без прекини.
До денеска се вакцинирани околу 39.000 граѓани. Од нив околу 14 илјади примиле прва доза од Aстра Зенека. Од неа се останати помалку од 10 илјади дози и уште околу 3 илјади од руската вакцина Спутник V. Од кинеските Синовак има уште илјада. Бројот на граѓани кои досега се пријавиле да се вакцинираат изнесува над 177 илјади.