Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, на денешната Комисија за финансирање и буџет во Собранието изнесе обвинувања поврзани со амандман поднесен од Венко Филипче и со процесот за линеарното зголемување на пензиите.

Според Стојаноски, амандманот е потпишан од Филипче поради бизнис-интереси поврзани со компанија за алтернативно производство на електрична енергија.

„Подносител на овој амандман е Венко Филипче, зошто е потпишан Венко Филипче? Заради тоа што неговиот брат Никола Филипче, има компанија којашто произведува алтернативни извори на електрична енергија. 2025 година менување на детален урбанистички план во општина Дојран, каде што тие имаа градоначалник и инсталирање од фотонапонска централа од 23.000 м2, за да се купи 130.000 евра струја, знаете ли кој е сопственик на таа централа? Никола Филипче и Вице Заев. Некој треба да даде, за некој да земе“, рече Стојаноски.

Тој исто така изнесе обвинувања дека СДСМ преку уставната судијка Добрила Кацарска го блокира процесот на линеарното зголемување на пензиите.

„СДСМ во минатиот мандат ја постави Добрила Кацарска во Уставниот суд, продолжената рака на СДСМ во Уставниот суд, уставната судијка поднела претставка до Уставниот суд за оценување на уставноста за линеарното зголемување на пензиите. Сега кога некој дојде и им ја покачи пензијата на сите пензионери за 7.000 денари, Добрила Кацарска сега сама си поднесува претставка и сака да им ги земе на пензионерите овие покачувања. СДСМ преку Добрила Кацарска сака да ви го земе покачувањето на пензиите“, изјави Стојаноски.

Оспорувањето на линеарното зголемување на пензиите беше тема на јавна дебата и претходно, откако повеќе субјекти упатија забелешки дека ваквиот модел може да создаде нееднаквост меѓу пензионерите. Уставниот суд веќе разгледуваше иницијативи поврзани со измените во пензискиот закон, а дел од претходно оспорените одредби беа отфрлени поради нивниот темпорален карактер. Со отворањето на новата постапка, судот повторно ги става во фокус уставните принципи за правичност и еднаквост во пензискиот систем.

Текстот Преку Кацарска, СДСМ врши опструкции со линеарното покачување на пензиите, рече пратеникот Стојаноски е превземен од МАКФАКС.