Владата потфрли со мерката за купување домашни производи во четвртиот сет, велат од прехранбената индустрија. Добар дел од граѓаните парите од државата наменети за купување македонски производи ги искористиле за други потреби. Затоа има драстично намалување на продажбата, но и на производството пред сѐ во месната индустрија. Бизнисмените апелираат, во новиот сет економски мерки, парите исто како и во третиот сет да бидат строго контролирани за што ќе се користат.
„Луѓето сега кога парите ги добија на сметки ги користеа за најразлични намени и во крајна смесла се разводни ефектот. Ние сметавме дека првично тие мерки кои беа воведени беа помали, но требаше да се продолжи во тој правец, веќе имаше поставено инфраструктура. Беа издадени картички за таа намена и требаше да се продолжи во таа насока. Тука се чувствува тој пропуст“, рече Гоце Трајчев, Групација месна индустрија.
– Advertisement –
Уште од почетокот на пандемијата, од Стопанската комора велат дека очекувале загуби во работењето. Нивните првични проекции биле дека прехранбената индустрија ќе има до 40 отсто загуби.
„По оние консултации кои ги правевеме по сектори, со поголемите компании, со извозните компании и следејќи ја потрошувачката на домашниот пазар, генералната оценка е дека 20 проценти е намалено производството минатата година“, рече Васко Ристовски, Стопанска комора.
Според проценките на Комората, прехранбената индустрија е трет сектор по големина во македонското стопанство. А властите, неколку пати пред објавувањето на четвртиот пакет мерки уверуваа дека банките ќе ја вршат контролата врз мерката „Купувај домашно“. Но, потоа кога се увиде дека комерцијалните банки немаат механизам да ги контролираат фискалните каси во маркетите, од Владата изјавија дека УЈП ќе биде надлежна и дека ќе нема пропусти. Имаше и најава дека оние кои нема да ги потрошат парите до почетокот на новата година ќе мора да ги вратат или пак, ќе им бидат повлечени од приватните сметки на граѓаните.
На крајот, од Владата признаа дека нема да има никаква контрола врз трошењето на шестте илјади денари и оставија на совеста на граѓаните да ги трошат парите за домашни производи, што во најголем дел од случаите не беше така.
Иле Петревски