Водење на преговорите со Бугарија врз основа на државна платформа и веќе донесената Резолуција во парламентот и реформа на изборното законодавство со воведување на една изборна единица за парламентанри избори. Ова се двете клучни прашања со кои ќе настапат помалите коалициски партнери на власта на средбите со премиерот во заминување Зоран Заев и новиот лидер на СДСМ Димитар Ковачевски како дел од разговорите за новиот владин кабинет, дознава Сител.
Поединечните средби со помалите партнери, како што велат од СДСМ, се од консултативен карактер и само за запознавање на Ковачевски со односите во владината коалиција. Состаноците се планираат да се одржуваат неклку дена и на нив нема да бидат носени одлуки, коментираат социјалдемократите.
Сепак, како што за Сител откриваат претставници од ДОМ, Демократски сојуз и ЛДП тие ќе ги искористат средбите со Заев и Ковачевски да отворат теми кои сметаат дека треба да бидат дел од идната владина програма, како што тоа го издејствува Алтернатива во преговорите Заев-Гаши. Ќе се зборува и за кадровски решенија во Владата, кој исто така се очекува да ја предводи Ковачевски.