Преговарачката рамка на Македонија и Албанија и евентуалниот датум за одржување на првата меѓувладина конференција воопшто не беа споменати на Самитот на шефовите на земјите членки и не беа дел од заклучоците. Дводневниот самит се затвори со ставови околу вакцинацијата, безбедноста на земјите членки, ситуацијата со бегалците и основните права. Овој резултат следува по состанокот пред неколку дена на министрите за надворешни работи и министрите за Европа кои не постигнаа консензус за преговарачката рамка за Скопје и Тирана, поради бугарското вето.
Самиот бугарски претседател Румен Радев, кој беше присутен на Самитот во последните два дена, за медиумите потврди дека преговорите на Македонија со ЕУ зависат од унапредувањето на преговорите меѓу Македонија и Бугарија. Радев рече дека Софија нема да каже „да“ на рамката за Скопје се додека не преземе конкретни чекори за спроведување на договорот од 2017 година. Според министерката Радмила Шекеринска, поддршката за Македонија во ЕУ ќе се зголеми по ова вето. Таа додаде дека земјата стори се што е во нејзина моќ.
Премиерот Зоран Заев остро ја критикуваше ЕУ за начинот на работење со кој се остави Скопје да почека, но потврди дека ќе ги продолжи преговорите со Софија и се надева на решение со следната бугарска политичка влада. ВМРО ДПМНЕ не се откажува од барањето за градење внатрешен консензус за црвените линии на Македонија во преговорите со Бугарија.
Одлуката на ЕУ беше критикувана и од Албанија, која исто така остана да чека меѓувладина седница бидејќи е во пакетот со Македонија. Албанскиот премиер Рама изјави дека земјите од регионот треба да ја продлабочуваат соработката меѓу нив, дури и ако останат надвор од ЕУ.