Холандското Министерство за надворешни работи ги предупредува граѓаните на таа земја да не пијат алкохолни пијалоци во Турција, откако 33 лица починаа во Истанбул, а десетици беа хоспитализирани поради консумирање алкохол.

Имено, тие починале бидејќи конзумирале алкохол загаден со метанол.

Според NL Times, меѓу жртвите има и странски државјани, а не е познато дали меѓу нив има и холандски државјани, бидејќи Министерството не добило никакви барања за помош.

Според Министерството, лицата починале откако пиеле алкохол загаден со метанол, што го засилува ефектот на пијалокот. Министерството ги предупреди граѓаните да купуваат алкохолни пијалоци само во официјални продавници каде е дозволена продажба на алкохол.

„Внимателно проверете дали шишињата се затворени. Одете само во доверливи барови и ресторани. Не пијте домашен дестилиран алкохол, на пример, на улица или во нечија куќа. Секогаш внимавајте со храната и пијалоците“, се додава во соопштението.

Во Истанбул починале 33 лица, 48 се хоспитализирани, а 32 се на интензивна нега откако пиеле нелегално произведен алкохол, јави во четвртокот агенцијата „Анадолија“.

Надлежните соопштија дека од почетокот на годинава вкупно 34 лица починале од ефектите на нелегално произведениот алкохол кој содржи метанол.

Според податоците од најновата студија објавена во Турција, во нелегално произведениот алкохол наместо етанол често се додава метанол, бидејќи е поевтин и може да предизвика слепило, оштетување на црниот дроб и смрт.

Четири лица осомничени дека го продавале алкохолот се уапсени под обвинение за убиство. Од 1 јануари досега во Истанбул се запленети 29 тони нелегален алкохол, а 64 компании кои продаваат таков алкохол ги загубија лиценците.