Градоначалникот на Тетово, Биљал Касами, обвини дека 67 завршени предмети за легализација биле чувани во фиоките на општината, а решенијата воопшто не им биле врачени на странките. Според него, ова се случувало поради коруптивни цели.
„67 правосилни решенија завршени многу порано не им се доставени на граѓаните. Така што нема поинаку како да се нарече ова освен да се докаже дека претходното раководство ги држело граѓаните на Тетово во заложништво поради корупција“, вели Биљал Касами, јавува ТВ 21.
Касами вели дека од јануари до денес се разгледани 3.500 предмети, а во 2.100 од нив имало недостиг на документација и дека до истекот на законскиот рок граѓаните ќе треба да ги комплетираат. Во Тетово 97 објекти не ги исполнуваат условите за легализација.
„Врз основа на досегашниот извештај 97 објекти не ги исполнуваат условите за легализација и за тие објекти процесот завршува. Се издаваат решенија и постапката продолжува. Ќе се бара од инвеститорите сами да ги отстранат објектите, доколку не ги отстранат, постапката продолжува согласно законот“, посочи Биљал Касами.
Во Тетово вкупно 159 предмети добиле решенија за одобрување на легализација, а 338 се во тек во Советот на општината поради неусогласеност на намената на објектот со земјиштето, што претставува пречка и за јавниот интерес.