Jавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје до судијата за деца при Основниот кривичен суд Скопје достави Барање за поведување подготвителна постапка спрема дете во судир со законот на возраст од 16 години за кое постои основано сомнение дека извршило дејствие кое со закон е определено како кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот.
Како што соопшти Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, на 4 јуни, на булеварот „Никола Карев“ во Скопје, детето во судир со законот управувало патничко моторно возило „Сеат леон“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на неговиот татко. Автомобилот го управувал без да поседува важечка возачка дозвола, а брзината на движење на возилото не ја приспособил на условите кон својствата и состојбите на патот и кон густината на сообраќајот. Од тие причини, кога стигнал пред клучката Бит Пазар, не бил во можност навреме да го запре автомобилот и со предниот десен бочен дел од возилото удрил во телото на жена, која како пешак го поминувала коловозот надвор од обележан пешачки премин. Од ударот, оштетената се здобила со тешки телесни повреди и починала на лице место.
Надлежниот јавен обвинител, оценувајќи дека постои опасност детето во судир со законот да се даде во бегство, да ја попречува постапката со влијание врз сведоците или да го повтори делото, на судијата за деца му предложи да определи мерка притвор.