Министерствата за надворешните работи на Северна Македонија и Бугарија комуницираат, но немаат усогласено документ кој може да биде основа за носење одлуки во двете држави, рече денеска премиерот Димитар Ковачевски. Ковачевски истакна дека на земјава и треба решение кое ќе биде прифатено во двете држави и за кое ќе постои консензус. Премиерот потврди дека со високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Жозеп Борел разговарал за проширувањето на ЕУ и за статсуот на преговорите со Бугарија. Во овој контекст повтори дека преговорите се водат принципиелно, врз основа на европските вредности, врз основа на достоинство и почит меѓу политичарите.

-Што се однесува до јуни како некаков датум, точно е дека тогаш ќе има Самит на ЕУ, но ние воопшто не се врзувавме со датуми зашто ни треба решение кое ќе биде прифатено во двете држави и за кое ќе постои консензус, бидејќи тоа треба да биде основа за градење на односите меѓу Северна Македонија и Бугарија во иднина, како меѓу себе, така и во рамки на ЕУ, изјави Ковачевски.