Денеска во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец се одржа примопредавање на донацијата од Република Турција – влечен воз за потребите на Армијата на Република Северна Македонија.
На приморедавањето на кое беше извршена куса презентација и демонстрација на возилото, присуствуваа министерката Радмила Шекеринска, амбасадорот на Република Турција Хасан Мехмет Секизкок, претставници на Генералштабот и други гости.
Амбасадорот на Република Турција Хасан Мехмет Секизкок нагласи дека со зачленувањето на Северна Македонија во НАТО уште повеќе ќе се зајакне воената соработка меѓу двете држави. „Ова го реализираме со конкретни чекори, како денешниот настан. Ќе продолжиме и во иднина максимално да ги искористуваме можностите за соработка од областа на одбранбената индустрија. Турција, како меѓународно реномирана земја со акумулирани вредности во областа на одбранбената индустрија, ќе продолжи и во иднина да го поддржува својот сојузник преку пренесување на своето искуство и квалитет во Северна Македонија“, посочи амбасадорот. Преку обостраните посети од највисоко ниво, рече тој, кои ќе се реализираат во билатерална рамка, ќе се утврдат нови проекти и области кои уште повеќе ќе ја унапредат нашата соработка во областа на одбранбената индустрија.