Пред денешниот протест свикан од Сали Бериша, американската амбасада во Тирана ги предупреди своите граѓани кои живеат во албанскиот главен град да се „оградат од протестот“ и ги предупредува да ги избегнуваат патиштата каде минуваат демонстрантите.

Во соопштението објавено од амбасадата се наведува дека во 12 часот е планиран протест пред владата и се додава дека „овие протести имаат потенцијал да се прелеат на околните улици предизвикувајќи сообраќаен метеж, пренасочување и затворање на патиштата“.

– На граѓаните на САД им се препорачува да избегнуваат големи собири во градот. Додека многу големи настани се одвиваат мирно, некои ситуации може да се сменат брзо и непредвидливо. Следете ги локалните медиуми и упатствата на локалните органи за спроведување на законот за најновите информации, советува амбасадата, пренесуваат албанските медиуми.

Во меѓувреме албанската полиција од утрово веќе ги презеде неопходните мерки за одржување на редот и безбедноста. Пред владата каде е најавено одржување на протестот има полициски кордон а повеќе улици и булевари се затворени за сообраќај.

За безбедноста се ангажирани над 1500 полициски службеници од сите сектори а подготвени се и припадници на Националната гарда, во случај на потреба.

Како што најави организаторот на протестот се очекува присуство на 100 илјади граѓани од сите делови на земјата.