Рускиот опозициски лидер Алексеј Навални, кој беше уапсен во неделата по пристигнувањето од Берлин, тврди дека шефот на државата Владимир Путин има своја резиденција на Црно Море со терен за хокеј, кино сала, стриптиз клуб, казино и подземна црква, пишува „Дејли меил“.
Навални тврди дека изградбата на резиденцијата чинела една милијарда евра и се наоѓа на површина од 7.000 хектари.
Тој ги поставил фотографиите на интернет (palace.navalny.com) два часа пред да биде уапсен.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков изјави дека „извештаите и фотографиите за наводната луксузна палата на претседателот Владимир Путин се апсурдни“.
– Постојат некои необични бројки на крајот од овој чудесен извештај, како и барање да се испратат пари. Веројатно тоа е главната цел на овие објави и лажни истраги, нагласи Песков.
– Долго време бевме свесни за нападите врз шефот на државата, тоа се случувало и во минатото, за жал ќе се случува и во иднина. Рускиот претседател е обвинет за работи кои не ги поседува, тој секоја година го пријавува својот имот и информациите и се достапни на јавноста, заклучи портпаролот на Кремљ. (МИА)